Што може да се очекува од средбата на Трамп со Путин?
Лидерите на САД и на Русија, Трамп и Путин, на средба на 15 август ќе разговараат за војната во Украина. Европските сојузници на Киев сакаат и тие да имаат збор. Што може да се очекува од самитот? И зошто токму Алјаска?
За што станува збор?
Русија веќе три и половина години води разорна агресорска војна против Украина. Сѐ до неодамна, прекин на огнот или пак мир, воопшто немаше на повидок. Сега американскиот претседател Доналд Трамп и првиот човек во Кремљ, Владимир Путин, планираат да се сретнат во петок (15 август, 2025) во Алјаска. Трамп самитот го претставува како обид да се дојде поблиску до ставање крај на борбите. Во тој контекст, тој нафрли можност за размена на територии меѓу Украина и Русија, но притоа остана неодреден. Каков е ставот на Москва и Киев по ова прашање? Москва неодамна меѓу другото побара Украина да се откаже од членство во НАТО и да ги отстапи териториите анектирани од Русија. Според извештаи во „Волстрит џурнал“ и „Њујорк тајмс“, Путин во средата на состанокот со американскиот преговарач Стив Виткоф во Москва понудил прекин на борбите – под услов Русија, меѓу другото, да добие контрола врз целиот источно-украински регион Донбас. Според извештаите, нејасно останува какви отстапки би направил Кремљ за возврат.
Според „Њујорк тајмс“, европските дипломати поаѓаат од тоа дека Путин би се согласил на прекин на огнот со замрзнување на актуелната линија на фронтот меѓу другото и во јужните украински региони Херсон и Запорожје. Сепак има стравувања дека на крајот Путин ќе се обиде да наметне целосно отстапување на овие – а можеби и на други – територии. Украинскиот претседател Володимир Зеленски категорично отфрла територијални отстапки. За таков чекор е потребна и промена на украинскиот устав.
Зошто Зеленски не е во Алјаска?
Трамп рече дека начелно е отворен за самит со Путин и Зеленски во Алјаска. Но, засега Белата куќа по желба на Путин планира билатерален состанок, соопшти претставник на Белата куќа. Што може да се очекува од состанокот? Во Алјаска де факто не може да се донесе речиси никаква обврзувачка одлука без Украина.
САД не може на украинската армија ниту да ѝ диктираат прекин на огнот ниту повлекување од сопствените територии.
Но, Трамп располага со значителни средства за вршење притисок. Покрај испораката на оружје, разузнавачките информации од САД во војната се практично незаменливи за Украина. Уште во март годинава Трамп привремено ја прекина американската воена помош за земјата. Доколку тоа повторно се случи, воените способности на Украина би биле значително намалени.
Каков е ставот на Европејците?
Украинското раководство и европските сојузници заради средбата Трамп-Путин вчера свикаа итен состанок. Европејците ја повторија својата поддршка за Киев и ставот дека меѓународни граници не смее насилно да се менуваат, се вели во соопштението од Германија, Франција, Италија, Полска, Велика Британија, Финска и ЕК. Преговори кои имаат смисла се можни само „во рамки на прекин на огнот или намалување на непријателството“, се вели во него и се додава дека на Украина ѝ покрај тоа потребни и веродостојни безбедносни гаранции.
Дали ќе има средба со Зеленски?
Зеленски постојано бара да биде вклучен во преговорите. „Секоја одлука против нас, секоја одлука без Украина, е и одлука против мирот“, изјави тој вчера во видео обраќање. Кога – и дали воопшто – ќе се одржи средба со Трамп и Путин, во моментов е неизвесно.
Каква е моменталната ситуација на фронтот?
По повеќе од три години војна, многу Украинци се преморени. Русија продолжува со воздушните напади, а Украина речиси секојдневно пријавува нови загинати. Борбите и на фронтот продолжуваат со несмален интензитет.
Руското министерство за одбрана вчера објави дека е заземен уште еден град во регионот Доњецк, каде што моментално се водат најголемиот дел од борбите. Руската армија актуелно контролира околу 20 проценти од украинската територија.
Дали Трамп и Путин се познаваат?
Да. За време на неговиот прв мандат од 2017 до 2021 година, Трамп и рускиот претседател се сретнаа неколку пати, на пример на самитот на Г20 во Осака во 2019 година. За време на владеењето на наследникот на Трамп, Џо Бајден, по почетокот на руската агресија во февруари 2022 година, меѓу Вашингтон и Москва во голема мера владееше молк. Од почетокот на неговиот втор мандат во јануари 2025 година, Трамп се презентира како човек со добри врски со Путин и посредник за мировно решение. Тој се дистанцираше од поддршката на Бајден за Украина, а ги доведе и во прашање испораките на американско оружје. Во изминатите месеци, Трамп неколку пати телефонски разговараше со Путин. Но, во последно време Трамп покажуваше сѐ поголема фрустрација во врска со шефот на Кремљ.
Дали меѓународната потерница против Путин не игра никаква улога?
Меѓународниот кривичен суд издаде потерница за Путин во март 2023 година. Но, во моментов таа има пред сѐ симболично значење. Судот со седиште во Хаг нема своја полиција за да го уапси шефот на Кремљ. А, во САД потерницата и онака нема никаков значење, бидејќи за разлика од ЕУ или Канада, која граничи со Алјаска, ниту САД, ниту Русија не го признаваат судот.
Зошто средбата се одржува токму во Алјаска?
Медиумите шпекулираа дека средбата би можела да се одржи на неутрална територија – можеби во Ватикан или во Обединетите Арапски Емирати. Алјаска, најсеверната држава во САД, се наоѓа недалеку од Русија – на најтесната точка од теснецот е оддалечена само неколку километри од руското копно. Алјаска до средината на 19ти век дури била дел од денешна Русија, кога САД ја откупиле територијата од тогашното Царство. Локацијата може да има и сосем практични причини, имено пред да го објави терминот, Трамп рече дека всушност сакал и многу побрзо да се одржи средбата, но дека мора да се преземат безбедносни мерки. Планирањето на своја територија може да има и логистички предности(dw)