Што не е во ред со членот 394-г?
Членот 394-г од Кривичниот законик на РСМ е одредбата со која македонското законодавство кривично го санкционира говорот на омраза направен на Интернет. Како дел од позитивната обврска на државата да ги заштити оние кои се мета на говор на омраза, потребно е да се криминализираат најсериозните негови изрази направени вон и во дигиталната средина (како на пример: јавно поттикнување на извршување на геноцид, злосторства против човештвото или воени злосторства; јавно повикување, поттикнување или оправдување на омраза, насилство или дискриминација низ расистички, ксенофобични, сексистички и ЛГТБТИ-фобични изразувања, итн).

Сепак, начинот на кој македонскиот законодавец (нашите вечни реформатори од Правен) го направил тоа е преку една фалшлива одредба која, спротивно на меѓународните стандарди и сугестии, почнува да генерира заштита на сите, освен на оние кои се главна мета на говорот на омраза на Интернет.
Што не е во ред со членот 394-г?
Главниот оперативен хендикеп на одредбата (заедно со неколку други недостатоци) е листата на заштитени карактеристики, која е прилично широка и вклучува и карактеристики кои не се идентитетски обележја кои говорот на омраза ги напаѓа. Тој ги исклучува луѓето од заедницата на еднакви човечки суштества поради нивната етничка, религиска припадност, пол, род, сексуална ориентација, „раса“ или физичка/ментална попреченост. Во заштитените карактеристики кај говорот на омраза не влегуваат на пример, политичката припадност на лицето, исто така и економската или имотната положба, социјалниот статус или образование (кои членот 394-г „широкоградо“ ги предвидува). Тие секако можат да бидат основ за дискриминација на лицето, но навредата по основ на припадност на една таква група не функционира исто како и сеењето на расизам, ксенофобија, хомофобија итн… едно групно клеветење кое директно го поткопува статусот на еднакво граѓанство за цела една класа/група на граѓани. Кое цели да ја сруши нивната фундаментална човечка репутација поврзувајки ги нивните основни (идентитетски карактеристики) како етницитет, пол, религија, сексуална ориентација …. со однесувања или атрибути кои треба некого да го дисквалификуваат од тоа да биде третиран како полноправен член на општеството.
Оваа порака на справување со расистички, ксенофобични, хомофобични, трансфобични, сексистички и други поврзани деклинации на идентитетско-напаѓачко изразување е загубена во членот 394-г. Сосема обратно, тој го збунува оној кој треба да го примени правото и отвора простор за злоупотреби (на пример, за политички прогон на неистомисленици преку основот „политичка припадност“ или кривична одговорност за навреди кои не влегуваат во овој концепт, вклучително и преку прешироко толкување на основот личен, општествен или имотен статус. Па така, додека на површината се прават напори да се зајакне срамежливата пракса на санкционирање на говорот на омраза согласно меѓународните стандарди (преку обуки и тренинзи на обвинителството, судството и полицијата), членот 394-г низ својата фалшливост (обложена на судство доброволно врзано за центрите на моќ) настојува да се втемели како механизам за легитимно спроведување на цензура.
На пример, расистичкиот, хомофобичниот и мизогиниот говор на омраза се користи несанкционирано во контекст на националистичкиот дисурс во кој се таргетирани етничките, верските, сексуалните малцинства и другите ранливи групи. И додека говорот на омраза на политичарите останува невидлив за органите надлежни за спроведување на законот, токму политичарите и носителите на јавните функции, извршителите и судиите (во извештаите на органите на прогонот) се идентификувани како главни жртви на говор на омраза (вообичаено направен по пат на компјутерски систем)?! Ова е комплетно узурпирање на концептот (смислено, направено делумно и согласно законот) кое дава погрешна слика за состојбите со говорот на омраза во Северна Македонија и кое дополнително ја носи опасноста од замрзнување или ограничување на политичкиот говор.
Како и да е, последните примери во оваа смисла одат уште подалеку, обидувајќи се во концептот на говорот на омраза да ја уловат или вметнат и фикцијата. И така гледаме, најновиот обид за замрзнување или ограничување на политичкиот говор спротивно на меѓународно-правни стандарди е обидот за третирање на фикциите на Тричковски како говор на омраза.
Фикцијата не е правно дефинирана како поттикнување на насилство бидејќи нема специфични карактеристики потребни за исполнување на правниот стандард. Поттикнувањето се разбира како говор кој има за цел и/или е веројатно дека ќе предизвика непосредно насилство. Фикцијата, пак, по својата природа, не ги исполнува овие критериуми. Таа е дело на имагинација кое може или смее да користи насилство за да раскаже приказна, да пренесе порака или да истражи теми, наместо да се залага за агресија во реалниот свет. Читателите се вклучуваат во неа како форма на раскажување приказни, форма на фиктивна нарација, а не како инструкција. Конечно, разликата помеѓу фикцијата и поттикнувањето се потпира на разбирањето на намерата, контекстот и разликата помеѓу креативните дела и наредбите од реалниот свет. Иако влијанието на медиумите може да се дебатира, правната и етичката рамка цврсто ја штити фикцијата од тоа да биде етикетирана како поттикнување.
И ова е прилично јасно (дури и за неук или корумпиран орган за спроведување на правото). Сепак, во целиот лов на вештерки на власта, во целиот обид за контрола и на социјалните медиуми, ваквото трапаво, но промислено протнување повеќе ни кажува за дека Тричковки е гонет, не за фикциите кои ги конструира, туку за реалноста која ја деконструира. Сосема спротивни од морбидни или непристојни, иронијата, исмевањето, алузиите или фантазмагоријата на Тричковски е литературен скалпел кој го анализира политичкото тело за да открие вистини честопати скриени од фасадата на сериозноста.
Во ера каде што информациите (и лажните вести) се сеприсутни како воздух, а истовремено недоволно официјални, задоцнети, неискрени, нецелосни…сатирата се појавува како моќна сила за да ја разоткрие и критикува човековата глупост и пороци, особено во контекстот на современата политика и другите актуелни прашања. И таа е форма на екстремна и остра критика која што не може да се замени со други поблаги форми, без да се предадат целите на авторот. Таа не е конструктивна критика, бидејќи цели кон целосна деконструкција/дестабилизација на значењето, поканувајќи појасна перцепција или разбирање на реалноста. Затоа пародијата, сатирата и другите форми на политичко исмевање со векови се најважните оружја на политичко мислење, чии навредливи или шилести коментари содржат заштитени идеи и мислења.
Дали целата морална енергија (на членот 394-г) посветена на спречување на ширење на говор на омраза се распрснува како меур од сапуница сега кога таа едноставно се префрли на други цели? Зборот омраза пред нашите очи се трансформира како „обвинение во огледало“: припишете им го на другите токму она што самите вие го правите и планирате.
Наспроти фикциите на Тричковски, постојат (и) фикции на омраза. Вистината е дека се давиме во говор на омраза и фикции на омраза како витални алатки на политиката/авторитарноста издигната на ниво на власт. Јазикот на омраза доаѓа и се уште доаѓа од луѓе кои заземаат места во владината моќ во оваа земја, факт што го легитимира расистичкиот, ксенофобичниот и мизогиничниот жар (амплифициран преку нивните медиумски мефагони и интернет ботови).
И тоа е логична последица на сценариото на десницата (по кое живееме многу долго време). Целокупниот наратив на десницата е прашањето на припадноста. Сценариото вели: проблемот е во припадноста. Проблемите на цивилизацијата, проблемите на општеството, проблемите на глобализацијата се проблеми на членството. Ако го решиме прашањето на членството (кој е внатре, а кој надвор; кој припаѓа, а кој не припаѓа) сме ги решиле проблемите на општеството. Идентитетот станува клучот за разбирање на проблемите: која идентитетска група е тука… кој заслужува, кој не заслужува. Решенијата се за членувањето/припаѓањето.
Ние можеме да цупкаме во аглите на овој дискурс, да се занимаваме со малите детали (колку е ускладен или хармонизиран со владеењето на правото и почитувањето на човековите права), но тоа нема да го промени. Низ неговата динамика на одлучување кој припаѓа, а кој не припаѓа, мнозинството луѓе ја стекнуваат својата слобода, но и учат да мразат, да бидат ирационални (една крајно опасна и погрешна форма на ослободување). Омразата е неизбежна последица на ваквата динамика на вклучување и исклучување, динамика која артикулира национална идеологија на омраза, а не (само) лична омраза.
Упорното тврдење на Северна Македонија дека нема партнер за своите евроинтеграции, дека е уценета, би рекла е дел од идеологијата на омраза. Улогата на македонскиот мит за жртва и „разоткривањето“ на околината како злонамерна е начин на оправдување или легитимирање на сопствената омраза пуштена слободно да циркулира (и лови) низ дискурсот на лојалност и предавство. Во оваа смисла и крајно нерелевнатните изјави на македонската претседателка за нашата вечна обесправеност и нашиот идентитет стануваат (домашно) значајни како подлошка на која нејзината партија ја калеми својата насилна реторика, својата пропаганда, лаги и говор на омраза.
Оваа разлика помеѓу омразата како искуство и омразата како идеологија ја нагласува потребата да се постават нови прашања за односот помеѓу политиката и омразата. Па како да го разбереме екстремниот јазик на власта кон „непријателите на народот“ и какви се неговите ефекти?
Тоа е говор кој директно и индиректно го релаксира вербалното напаѓање на маргинализираните групи, и сите „Други“ во наративот на десницата во кои спаѓаат и оние кои нив ги бранат/штитат и/или ја критикуваат политиката на власта. Сепак, ова е само половина од приказната. Она што недостасува е како медиумите, а уште поважно вмровските елити, реагираат? Дали тие молчат? Дали ја поддржуваат ваквата реторика? Или ја критикуваат?
И ова е парадоксот на насилната реторика. Самата реторика е важна, но многу пати одговорот на елитите на реториката е поважен од самите зборови. Голем дел од јавноста ја следи политиката на ограничен начин и тие бараат сигнали од внатрешните партиски групи и медиумите. Поддржувачите на власта користат сигнали од вмровските медиуми, портали, новинари и ботови за да проценат дали нешто што власта го кажала или направила ја преминало границата на прифатлив дискурс. Реториката на омраза, исто така, и овозможува на власта да ја процени лојалноста на своите поддржувачи. Доказите од пропагандата, па дури и избувнувањата на геноцид сугерираат дека повторувањето на таквата реторика (дури и кога е очигледно лажна) може да биде начин за поединците да ја покажат својата лојалност кон режимот. Ова е клучната поента: насилната реторика станува важна и како начин да се сигнализира и процени „кој е со нас, а кој против нас?“, а не само како механизам за убедување.
И тука правото функционира како клучна прва интервенција. Она што насилната реторика на властa и нејзините политики го мобилизира, правното санкционирање треба да го демобилизира. Кривичното казнување на говорот на омраза цели да ги блокира ваквите координации во дејностите на рушење на нашата еднаквост како луѓе. Науката може да фрли светлина врз тоа како се произведува идеологијата на омраза, образованието може и треба да се бори со предрасудите кои неа ја создаваат или потхрануваат, но правото ја има задачата на директно теренско блокирање на конструкцијата на идеологијата на омраза како ривалско јавно добро кое цели да ги замени поставените демократски карактеристики на општествената околина и јавното добро на осигурување на нашиот еднаков статус на граѓани. И тоа е целта и на членот 394-г од нашиот Кривичен законик. Сепак, тој останува да биде нерезонатен со оваа своја функција на заштита на јавното добро на осигурување на нашето достоинство. И сè повеќе бива повикуван за да ја замрзне слободата на говорот, а не циркулацијата на омраза во општествтото.
Како и да е, нашиот моментален министер ветува законски измени. Како слабо колебливо учениче се фали со голем број изготвени закони. Да се надеваме и на квалитет, не само на квантитет.
Елена Михајлова – Стратилати
Професорка по меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје






