Што не ни кажа германскиот претседател
Се мора да им се каже директно на вашите политичари, ми вели пред години амбасадорот на НАТО во Македонија Ник Бигман. Тие не го разбираат суптилниот говор на дипломатијата.
Тоа знае да биде многу непријатно за странските претставници кои, вели, дипломатското укажување мораат да го преведат во директна наредба. Дека може да биде непријатно и кога сакаат да ни изразат поддршка, не знаев до скоро.
Трогателно е она што го направија претседателката на европската комисија Урсула Фондерлајен и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во Скопје: сосема недипломатски, ја отворија душата пред македонските пратеници и ги молеа да им веруваат дека сакаат да не видат во Унијата и дека го признаваат и почитуваат македонскиот јазик и македонската нација. Цитираа и наши автори за да покажат дека не треба да се плашиме за јазикот и идентитетот зад кој стојат и самите тие. Беше по малку непријатно. Заличи на разговор со мали деца на кои им е тешко да ги разберат суровите реалности на меѓународната политика со кои и Унијата и Германија мораат да се справуваат, без некој да ги теши.
Најдоа време да ја стават на страна опасноста од светска нуклеарна војна и руската агресија врз Украина, енергетската криза и сите други одговорности на големите сили за да дојдат да не утешат. Но, и внимателно да не предупредат. Немојте да се откажете во последните метри до целта порача Штајнмајер. Не кажа дека доколку ја пропуштиме оваа шанса, наскоро нема да можат да ни помогнат. Зошто? Назад, кон старат грчка лекција.
Затоа што сојузите се создаваат за да ги бранат интерерсите на земјите членки а не на аспирантите за членство. Дека и кога Германија би сакала, системот на вето тоа не го дозволува. Не ни кажа дека нема да го растурат Сојузот заради нас и, како во случајот со Грција, нема да ја исклучат Бугарија за ние да влеземе. Не ни кажа дека причината што, за прв пат во историјата, дозволија Македонија да почне преговори со Унијата е, по втор пат да не ни се случи децениското чекање како во спорот со Грција.
Побара да се направи промена на уставот во полза на бугарското малцинство како услов без кој не се може. Констатира дека сгашностаи иднината се во наши раце но не го спомна минатото.
Пишувачите на неговиот говор биле внимателни за работи за кои знаат дека ни Македонија ни Бугарија не се сто посто во право.
Штајнмајер внимателно не потсети дека треба да го одбегнуваме национализмот кој може да ни го затвори патот кон ЕУ. Тоа нема да биде лесно: национализмот, вели една дефиниција, е претеран патриотизам. А ние, убедени дека е тоа доблест, сакаме да претеруваме кога е во прашање Македонија.
Денко Малески