Што (не) се копа во ГТЦ?

Вчерашната попладневна полициска „опсада“ на подрумите на Градскиот трговски центар во Скопје – што заврши не долго потоа, без полицијата да утврди кражба на струја од електричното напојување на ГТЦ – нѐ навраќа на една, во последните година-две, од најпопуларните модерни стопански активности во Македонија: рударството.

Не, не се работи за копање сиромашен јаглен за РЕК Битола… Не станува збор ни за подземните и надземните копови на минерали во некои од македонските рудници… Се работи за нешто за коешто малкумина разбираат што точно значи, а сѐ поголем број луѓе во земјава го практикуваат: „рударење“ криптовалути!

Знам, звучи шашаво, но звучи и многу профитабилно…

Имено, за оние кои не знаат, криптовалутите се еден вид на дигитални валути (пари, што би се рекло по старски) коишто постојат и се употребуваат исклучиво онлајн, во светот на виртуелната реалност (sic!). Тие постојат и се чуваат во дигитални „паричници“, дистрибуирани компјутерски мрежи и сервери, а овозможуваат потполна анонимност на нивните сопственици, како и на сите финансиски трансакции во кои се употребуваат. Значи, нема Народна банка што ја регулира и контролира вредноста на овие валути, нема комерцијални банки што наплаќаат процент од трансакциите, нема (сѐ уште, кај нас) финансиска полиција или управа за перење пари кои би проверувале од каде доаѓаат и на што се трошат овие суми на… хммм, не се класични пари-пари, туку криптовалути. Нема ни даночна управа за да ви наплати такса, бидејќи нема закон што јасно го регулира работењето со криптовалутите, барем не додека не решите од крипто, валутата да ја претворите во „некрипто“ пари (денари, долари, евриќи…), а и тогаш правилата се матни и, некако, сѐ уште повеќе „од општа култура“, ако баш ви се плаќа данок на принос од „дигитален имот“, ако тоа нешто ви значи. А и не мора.

Убавини! Како кога анонимно, среде зимо, би се подмочале во чоени чакшири: ем вам ви е топло, ем никој не знае!

Ако ништо не разбирате до тука, сега е време да престанете да го читате овој текст… Доколку, пак, сте го преживеале инфарктот од висината на последната домашна сметка за струја, можеби е време да се запрашате што ви прават децата по десетина часа седнати на компјутерите во нивните соби, додека вие се трудите да не пропуштите ни една факинг прес-конференција за падот или опстанокот на оваа власт… Не, не е голем проблем ако децата ви гледаат некакво порно; проблем е ако „копаат“ биткоини, бидејќи побрзо вие ќе банкротирате, одошто тие ќе станат милионери.

Што сакам да кажам?

Значи, криптовалутите имаат и една „темна тајна“, а тоа е начинот на кој се создаваат – процесот е наречен: „рударство на криптовалути“. Просто речено (хе-хе, дури сега станува компликувано!), ова рударството е активност на создавање нови „блокови“ на виртуелна валутна вредност по пат на компјутерско решавање на исклучително компликувани математички проблеми кои ги потврдуваат трансакциите во валутата. Кога биткоинот е успешно „ископан“, рударот добива однапред одреден „блок“ на електронска валута. Сега, внимателно: ако рударот може успешно да додаде „блок“ на синџирот на валутата (нешто што се нарекува блокчејн, што би можело, условно, да се спореди како извесна виртуелна акционерска книга), заработката може да биде и во стотици илјади евра! Барем во теорија…

Овие новосоздадени („ископани“) средства влегуваат во оптек преку интернет и се прокнижуваат на дигиталната сметка („паричникот“) на нивниот сопственик.

Но, но, но… Со цел успешно да додадат блок, рударите на биткоини се натпреваруваат да решат исклучително сложени математички проблеми кои бараат употреба на скапи и многу капацитетни компјутери, всушност, цели рударски компјутерски „фарми“ со хардверски „ригови“ (англ. rig – уред со специфична намена) што трошат големи количества електрична енергија. Овие низи од компјутери со големи математички способности може да чинат и до 10.000 долари по „риг“. (Упатените велат дека во Скопје ги има многу!)

Koлумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close