Што ни се случува војводо Дамјан: ужас без крај, или, веќе, дошол ужасниот крај !?

Ова вредно, надарено, паметно, трудољубиво и родољубиво момче ми беше прв комшија додека престојував и работев на “Македонски просветители” (кај Пожарната). Татко му, Џезо, од кого ги попримил сите овие доблести, ми инсталираше систем за парно затоплување-долу во Супер Радио и горе, во станот. Кога немав паркинг за возилото, ме канеше кај него во дворот.

Ова момче, уште од 6 часот утринава, ни соопштува:

Anis Sefidanis, PhD

Вечерва на 11-ти август, после нецели 48 часа од промоцијата, Паметниот споменик на Виртуелен Прличев кој години го работев со мојот тим и поддршка на Општина Охрид беше вандализиран и онеспособен од функција. Непознати лица го пресекле доводот до електрична енергија, го отстраниле македонското знаме и ги искорнале написите. Се обиделе да ги отворат и металните врати за да стигнат до главниот компјутер, но поради цврстиот материјал и безбедносните брави успеале само искривувања да нанесат на истите.

Случајот беше веднаш пријавен во МВР Охрид, при што екипа направи увид и ќе ја проследи постапката до Јавното Обвинителство. Споменикот е времено надвор од функција, но активно работиме заедно со Општина Охрид на негово рестартирање како и со безбедносните служби за негова заштита од социопатите со кои за жал нашите деца го делат плоштадот

Проф. д-р Анис Сефиданис.

(во потпис)

Драг професоре, комшија, сограѓанину….

Со тешко срце, ќе ти кажам: БЕГАЈ….

Бегај што подалеку од нас. Ние не те заслужуваме. Ниту како народ, ниту како држава! Ние сме осакатени! Од нас ништо не бидува!

Бегај, како што бегаат сите кои нешто значат, кои нешто постигнале. Нека останат само оние со партиски книшки. Оваа држава е скроена за нив и како таква ќе се искине!

Во оваа држава, министри и госпоги министерки, постануваат крајно некомпетентни, јазично и мисловно неписмени, партиски послушници. Ти не си за со нив, или, тие не се за со тебе!

Што имаш ти заедничко со некоја сподоба која, нас авторите, не учи како да пишуваме, какви теми да одбираме, да не пишуваме за минатото, туку за иднината. Да ја оставиме историјата !!! ????

Која пуста сегашност и иднина со такви, драг професоре?

Која пуста иднина и сегашност, кога, да упростам за народот – твојот робот, е уништен на место каде 24/7 има движење? На градскиот плоштад. Ти, велиш: каде што нашите деца се на исто место со социопатите! Така е. А јас додавам:каде што нашите деца и твојот генијален ИЗУМ се во друштво со чуварите на редот и мирот!

Совршено не е битно кој го уништил, како поединец, или група?

Го уништија атмосферата, амбиентот кој е создаден, чувството за неказнивост и неодговорност, можноста да се бира – дали ќе одам во затвор за криминалите, или партијата ќе ми овозможи да застаре кривичното дело, на сите судски инстанци потврдено, а јас ќе продолжам да ти бидам токму ТЕБЕ колега, да предавам на студенти и тоа ПРАВО на ПРАВЕН факултет !!!

Ти, душо, не си за во друштво на такви даскали-КРИМИНАЛЦИ!

Бегај од нас, придружи се на реката НОВИ БЕГАЛЦИ, остави не нас да тонеме во ова мочуриште од држава.

Нема да ти се лутиме, затоа што НЕ ТЕ ЗАСЛУЖУВАМЕ!

Веле Митановски

Back to top button
Close