Што носи германската феминистичка политика?

„Сѐ додека жените не се безбедни, никој не е безбеден“, гласи клучната реченица на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во врска со нејзината феминистичка надворешна политика. Оваа реченица, вели министерката, ја чула од една мајка во Украина непосредно пред почетокот на руската инвазија. Оттогаш ја има цитирано повеќепати, меѓу другото и во едно село на северот на Нигерија, уништено од терористичките милиции Боко Харам.

Во текот на посетите во странство, Бербок секогаш има и термини резервирани за средби во кои таа сака да се информира за животните услови на жените во местата што ги посетува. Нејзиниот директен начин на комуникација и непосредност секогаш предизвикуваат воодушевување. Кога есеноска беше во посета на Узбекистан, го воодушеви нејзиниот колега Владимир Наров. Бербок меѓу другото отиде во посета и на едно прифатилиште за жени, каде сакаше да се информира за ситуацијата на жените таму. Кога узбекистанскиот колега сакал спонтано да се приклучи на оваа средба, таа му рекла дека не може, со објаснување дека жените треба да имаат можност да зборуваат отворено, без да се воздржуваат во присуство на машки владин претставник.

 

Исти права за сите

Со новите насоки на феминистичката надворешна политика треба да се подобри ситуацијата на жените насекаде во светот. И не само на жените. Тежнееме кон „она што во 21 век всушност треба да се подразбира – имено, сите луѓе да имаат исти права, слободи и можности, без разлика на пол, и без оглед на која религија ѝ припаѓаат, без разлика на потеклото, како изгледаат или како сакаат да живеат“, вели Бербок.

Нејзината колешка од Министерството за развој, Свенја Шулце, ја има истата цел. И таа минатата среда (01.03) ги постави основите на феминистичката развојна политика: „Со нашата развојна соработка сакаме да помогнеме во борбата против гладот во светот и во борбата против сиромаштијата. Сакаме да направиме поправедни општества, а за тоа ни е потребен и потенцијалот на жените“, нагласи таа. Двете стратегии се засноваат на таканаречените три Р – еднакви права, ресурси и застапеност на жените и други групи кои се обесправени (на германски јазик три Р – Rechte, Ressourcen, Repräsentanz, н.з.). И, секако – пари: до крајот на изборниот период, Министерството за надворешни работи има намера 85% од проектните средства да ги распредели врз основа на „родовосензитивен“ принцип. Тоа значи, ќе се поддржи проект само доколку тој ги зема предвид интересите на жените. До 2025 година над 90% од ново определените средства од Министерството за развој треба да се влеат во проекти со кои се унапредува родовата еднаквост.

 

Многу напредок и големи разлики

Конкретно во Африка потребите се огромни. „Феминистичките стратегии во африкански контекст се многу од помош“, вели Отилија Маунгандизе од јужноафриканскиот тинк-тенк ИСС. И Африканската унија објави нова родова стратегија. Во политиката жените сега се подобро застапени од порано„Земји како Кенија и Јужноафриканската Република презедоа позитивни уставни чекори со кои се поттикнува еднаква застапеност во политиката“, вели Грејс Мбунгу од африканскиот тинк-тенк во Берлин, Африканскиот институт за политички истражувања. Но ситуацијата не е иста насекаде. Додека во Република Зелен Рт речиси 38% од пратениците се жени, на последните избори во Нигерија се избрани помалку од 4% жени пратенички. 18 од 20 земји со највисок процент на детски бракови се на овој континент. Според УНИЦЕФ, 90% од сите жени и девојчиња меѓу 15 и 49 години во Гвинеја и Сомалија доживеале некаква форма на генитално осакатување.

 

Контроверзна тема – абортус

Но двете стратегии може да доведат до тензии со африканските земји. „Оваа политика, и покрај сите добри намери, ќе биде внимателно анализирана и во некои случаи и отфрлена“, вели Мбунгу за ДВ.

Особено во однос на темата сексуални и репродуктивни права. Германското министерство за развој на пример сака да се промовира пристап и можност до безбеден абортус за жени и девојчиња. „За темата право на абортус има различни мислења во низа земји и меѓу шефовите на африканските држави“, предупредува експертката Маунганидзе од Јужноафриканската Република во интервју за ДВ.

Во некои земји абортусот е легален, но во некои не е. „Онаму каде што абортусот не е легален, овој аспект ќе биде доста контроверзен“, предупредува експертката. Втора голема точка на сопнување – правата на гејовите и лезбејките, кои и двете министерки сакаат да ги зајакнат. Спротивно на ова, во многу африкански земји хомосексуалните односи се сметаат за кривично дело. Гана дури планира и заострување на правилата – доколку се усвои новиот зако, на членови на ЛГБТК заедницата во иднина им се закануваат и до десет години затвор.

Според студијата Афробарометар, над 80% од испитаниците во Африка се против гејови и лезбејки. „Најчесто се потребни повеќе генерации додека да дојде до промена на социјалните културолошките вредности кои егзистираат подолго време“, вели Мбунгу. Кога станува збор за ЛГБТК тоа беше случај и во Германија и други земји. „Германската влада мора да е свесна дека нејзините нови стратегии во некои земји или делови од општествата може да се доживеат како напад врз нивните социјални и културни норми“, вели експертот.

 

Ова не е „мисионерски памфлет“

Значи пред двете министерства престои уште многу работа. Овие стратегии не се „мисионерски памфлет со кои наивно сакаме да го подобриме светот“, изјави министерката за надворешни работи Бербок при претставувањето на документот.

Критики има и во Германија. Коалицискиот партнер ФДП, на пример, е против предлог со кој Буденстагот симболично би ги поддржал овие насоки. И од другите партии доаѓаат оправдани критики. Бербок треба да „се ослободи од општи фрази и да настапи поконкретно“, велат од редовите на конзервативната Унија. На пример, во однос на Иран. „Со сеопфатно и јасно позиционирање на страна на жените кои протестираат во Иран, германската влада можеше да покаже што значи феминистичката надворешна политика во пракса“, изјави политичарот од ЦДУ, Јирген Харт. Потребна е уште доста конкретна работа на убедување и на партнерите во странство, но и дома.

Back to top button
Close