Што пишува во изјавите заверени на нотар од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Заверените нотарски изјави голем дел од пратениците ги објавија на социјалните мрежи порачувајќи дека никогаш нема да гласаат за уставни измени.

Сите се со иста содржина, освен името и презимето на пратеникот, и во нив пишува дека пратеникот тврди оти нема да гласа за внесување на бугарскиот народ во преамбулата или во која било одредба од Уставот.

 

Интегрално нотарската изјава гласи:

 

„Јас (име и презиме) пратеник во македонското собрание, со мандат добиен од македонските граѓани на парламентарните избори во 2020 година, под полна морална, материјална и кривична одговорност изјавувам дека:

 

Нема да гласам за промена на македонскиот устав (’Службен весник на Република Македонија‘ бр.52/1991) со цел внесување на бугарскиот народ во преамбулата или во било која одредба од истиот, ниту ќе поддржам било каква иницијатива, предлог или заклучок кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава.

Оваа моја изјава е дадена со чиста совест и истата е неотповиклива“.

Дел од нив со дополнителни коментари преку социјалните мрежи ги уверуваат граѓаните дека нема да гласаат за уставни измени, па, како што велат, и по цена на нивните животи.

„Ништо не е готово, заедно ќе победиме, сите пратеници се обврзуваме со нотарски изјави дека нема да поддржиме уставни измени“ напиша пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, во објавата со фотографијата од нотарската изјава

Back to top button
Close