Што предлага Париз, што барал Радев, што да очекува Скопје?

Бројни барања на Бугарија кон Северна Македонија кои во неколку наврати ја надградија т.н. рамковна позиција потврдена со Декларација на бугарското собрание, подолго создаваше нејаснотии кај земјите членки на ЕУ – што точно бара Бугарија? Соочен со неразбирање на тие позиции, бугарскиот претседател Румен Радев реши да ја смени тактиката: тој и самиот призна дека почнал повеќе да говори за она што ЕУ полесно може да го разбере – почитувањето на човековите права, во случајот – правата на Бугарите во РСМ и нивно внесување во македонскиот Устав.

Но, со оглед дека тоа барање не беше супститут за сите други кои се наведени во Рамковната позиција, а станаа аргумент за ветото кон РСМ (и блокирање и на Албанија), според дипломатски извори, во последниве месеци (особено во контекст на иднината на регионот во светло на војната во Укрина) интензивно се бара расчистување на „каколот од житото“, односно „прецизирање“ на барањата на Софија.

Во тој контекст се толкува и понеделничкиот (6.06) разговор на францускиот претседател со бугарскиот претседател и македонскиот премиер, со цел да се издестилираат проблемите и да се договори, односно гарантира решение, за Софија да го деблокира интеграцискиот пат на Скопје на средбата на врвот на ЕУ на 23-ти и 24-ти јуни.

На телефонскиот разговор во понеделникот му претходеа и други разговори со Макрон, со таа разлика што во претходниот период во комуникацијата беше вклучен и Петков. За понеделничкиот разговор Радев – Макрон нема сооштение на веб-страницата на бугарскиот претседател, за разлика од соопштението со кој беше проследен нивниот разговор од 18-ти мај. Во него беше наведено дека Радев му рекол на францускиот претседател дека „Бугарија очекува категорични резултати од страна на Република Северна Македонија, пред да ѝ даде согласност за почеток на преговори“.
Прво резултати
Дали во последниот разговор има одредено поместување?

„Бугарскиот претседател го изрази очекувањето на нашата земја за конкретни резултати од РСМ во исполнување на Копенхашките критериуми за членство, кои ќе го придвижат напред процесот на евроинтеграција на нашата југозападна сосетка“, кусо ја опишале содржината на разговорот од Кабинетот на Радев за бугарски медиуми.

Весникот „24 часа“ пишува дека понудата на Макрон била Франција да биде гарант на билатерален договор меѓу Северна Македонија и Бугарија. Во тој нов договор, требало јасно да биде наведено под кои услови ќе падне бугарското вето за почеток на преговори на РСМ со ЕУ, а договорот да биде потпишан во Париз. Поддршка за ова Макрон имал и од германскиот канцелар. Но, Радев барал прво да бидат исполнети бугарските услови.

Иако се смета дека бугарските барања се неразбирливи за ЕУ, во последниот период Радев потенцира дека „насекаде аргументирано ја брани бугарската позиција во однос на РСМ, и дека таа наидува на сѐ поголемо разбирање“. Истото го истакна и по мајските тет-а-тет средби во Берлин со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и со канцеларот Олаф Шолц.

„Сите важни позиции на Бугарија во рамките на ЕУ наидуваат на разбирање од нашиот стратешки партнер Германија“, се пофали тогаш Радев.

Дали постои такво разбирање ќе се потврди и утре, кога во посета на Софија пристигнува еврокомесарот Оливер Вархеји, а во сабота (11-ти јуни) и германскиот канцелар, кој таму ќе стигне по посетата на Скопје.

Јотова: Има притисок врз Бугарија
Потпретседателката на Република Бугарија, Илијана Јотова, вчера во разговор за БТВ отворено проговори за телефонските повици и притисокот од европските партнери брз Бугарија.

„Продолжуваат телефонските повици на тема бугарската позиција за ветото и членството на РСМ. Крајно време е да бидеме искрени како општество и како Бугари, и да кажеме дека има притисок од нашите европски партнери во однос на членството на Република Северна Македонија. Долго време имаше политички формации во владејачката коалиција кои не признаваа дека има таков притисок. Европската Унија е ‘за’ проширување со Западен Балкан“, рече Јотова.

Таа изјави дека нема „две надворешни политики“, како што неодамна се пожали шефицата на дипломатијата, Теодора Генчовска, туку дека има една надворешна политика. Како пример за тоа посочи дека во последните денови премиерот Кирил Петков и вицепремиерот Асен Василев јасно го смениле тонот и ставот во однос на преговорите со РСМ. Во тој контекст, потсети на изјавата на Василев, дека „има проблем, но топката е кај европските партнери, а не е добро проблемот да биде турнат под тепих“.

„Добро е што такви ставови веќе се артикулираат и од страна на извршната власт. Темата за брзо паѓање на ветото од страна на премиерот, исто така изостанува, и тој тврди дека ништо нема да се реши под пристисок. Како самата влада да се повлече назад“, констатира Јотова.

Таа ја истакна улогата на претседателот Румен Радев како „најактивна“ во однос на прашањето за РСМ. Особено, што во Рамковната позиција на владата и во Декларацијата на 44-тото Народно собрание не фигурира темата за правата на Бугарите во РСМ, па смета дека е заслуга на Радев што тој прв го издигнал тоа прашање во земјата и во разговорите со европските партнери.

Според Јотова, Радев ќе свика седница на Консултативниот совет за национална безбедност (како што неодамна побара премиерот Петков), само ако оцени дека има аргументи за да се промени бугарската позиција. За да се случи тоа, РСМ треба да покаже резултати, а Јотова повеќепати нагласи дека такво нешто досега нема. Притоа напомена дека според она што било договорено на последната седница на КСНБ во јануари годинава, точката 2 предвидува дека „согласноста од Бугарија за паѓање на ветото и почеток на преговори на РСМ, е прашање на резултати, а не на рокови“.

Извор: дв

Back to top button
Close