Што предвидува нацрт-законот за породилното и како ќе се плаќа, одговара Тренчевска

Дефинитивно не се кратат деветте месеци породилно отсуство на мајката од работа, вели министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска која вечерва во емисијата „Топ тема“ на Телма ТВ објаснуваше што предвидува нацрт-верзијата на новиот Закон за работни односи.

Досегашниот термин „породилно отсуство“, според што е предвидено, ќе се замени со три нови: мајчинско, татковско и родителско.

Како што објасни Тренчевска, мајчинското отсуство ќе трае пет месеци, а потоа мајката ја следуваат уште четири месеци родителско отсуство.

Татко пак, ќе има татковско отсуство од 15 дена кои ќе се користат од моментот на раѓање на бебето. Дополнително, таткото, исто како и мајката ќе има право на четири месеци родителско отсуство.

Со тоа двајцата родители би добиле вкупно 13 месеци, но како што рече Тренчевска, родителското отсуство (од по четири месеци) ќе може да го користат како ќе сакаат до двегодишна возраст на детето.

„Ќе може да ги користат заедно, наизменично, еден по друг … Тоа зависи од договорот на мајката и таткото“, рече министерката.

Актуелната нацрт-верзија предвидува отсуството за мајката (пет месеци мајчинско и четири родителско отсуство) да бидат платени како и досега – 100 отсто. Платено ќе биде и татковското отсуство од 15 дена, но засега не се знае во колкава сума ќе се плаќа за родителското отсуството на таткото од четири месеци, доколку тој реши да го користи.

„Тоа што е отсуство за мајката – мајчинско и родителско, пет плус четири месеци, е платено како и досега 100 проценти. И татковското исто. Останува да се дефинира за овие четири месеци на таткото ако сака да ги користи. Сега сме во разговори со Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство да ја утврдиме висината на надоместокот за овие четири месеци. До влегување на законот во владина процедура ќе се знае и тоа, затоа што ова ќе предизвика измени и во Законот за здравствено осигурување“, рече Тренчевска.

Ваквите законски измени со кои се предвидува родителско, мајчинско и татковско отсуство, наведе министерката, се согласно европската регулатива и овозможуваат хармонизација на семејниот живот и даваат подеднаква можност на двајцата родители да учествуваат во грижата за своето дете.

Нацрт-верзијата на новиот Закон за работни односи во моментов е објавена на ЕНЕР, во наредниот период се очекуваат и јавни дебати, а во текот на февруари Тренчевска очекува да се соберат сите забелешки, да се имплементираат оние што се конструктивни и потоа предлог-законот да се пушти во владина процедура. Откако ќе помине на Владата, ќе треба да се изгласа и во Собранието.

Back to top button
Close