Што предвидува владиниот план за лекување на Пониква?

Рехабилитацијата на Пониква за повредените од пожарот во Кочани ќе се реализира во две групи, коишто ќе ротираат на две недели, а за нив ќе се грижат физиотерапевти, медицински сестри и физијатар

Рехабилитација во Пониква: Физијатри, психолози и психијатри ќе се грижат за повредените во пожарот во Кочани Фотографија: Ferdi Limani/Getty Images

Рехабилитацијата на Пониква за повредените од пожарот во Кочани ќе се реализира во две групи, коишто ќе ротираат на две недели. Во првата група ќе бидат повредени лица кои веќе добиваат физикална терапија, како и пациенти кои имале само изолирана инхалаторна повреда. Физикалната терапија на Пониква ќе ја обавуваат четворица физиотерапевти, ќе има медицински сестри, специјалист физијатар. Во соработка со Центарот за психолошка поддршкаод Скопје и невладини организации од Македонија ќе има и посета од психолози и психијатри.

Ова се деталите околу владиниот план со кој се предвидува одморалиштето на МВР на Пониква да биде ставено на располагање за да се направи рехабилитација, ресоцијализација и да им се пружи психолошка поддршка на повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“, во кој загинаа 62 лица, а 200 беа повредени.

Целта е на овој начин да се избегнат високите дневни температури во текот на летниот период и да се намали потребата нивните семејства да ги носат повредените во болниците во Кочани или во Скопје.

Петмина уште се лекуваат во странство

За пациентите кои немаат можност да добиваат рехабилитација на Пониква веќе е адаптирана просторија за физикална медицина при одделот за хирургија во Општата болница – Кочани, а треба да почнат и градежни активности за реконструкција токму од одделот за физикална медицина и рехабилитација. Во соработка со болницата од Штип ќе се направи план за згрижување на пациентите додека трае реконструкцијата.

Во периодот од 20 мај до 10 јуни евалуирани се 167 пациенти, пет пациенти сѐ уште се хоспитализирани во болници во државата, а уште пет се на лекување во странство. Неевалуирани се осум пациенти кои се со привремен престој или живеалиште во странство.

Освен со изгореници, има пациенти со инхалаторни повреди и со психолошка траума, а оние кои се во четврта и петта група ќе им биде потребно продолжено лекување, а кај некои од петтата група и дополнителен хируршки третман. Евалуацијата на повредите од изгореници ќе се евалуираат повеќепати, во зависност од степенот и делот од телото што е зафатен.

Од март, кога се случи несреќата, до денес во болницата во Кочани се склучени договори со специјалисти по пластична хирургија од Универзитетската клиника за пластична хирургија и Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Дополнително и со физијатри и физиотерапевти од Клиничката болница во Штип, од ГОБ „8 Септември“ и од Институтот за физикална медицина и терапија „Козле“.

Во тек е изработка на компресивна облека за сите пациенти на коишто им е потребна. Тоа ќе се реализира со претставништвата на изработувачите на облеката од Бугарија и Германија, а се работи и на скенирање со тродимензионален скенер за пациентите со изгореници на лицето, главата и вратот за да им се изработат силиконски маски по мерка. (Dw)

Back to top button
Close