Што се крие зад враќањето на Даравелски во земјата?

Враќањето на Драган Даравелски во земјата по 20 години бегство отвори бројни дилеми во јавноста. Му застарува ли делото, може ли да бара повторно да му се суди?

Враќањето на Драган Даравелски во земјата по 20 години бегство отвори бројни правни дилеми во јавноста. Иако државата во повеќе наврати бараше од Белград да го екстрадира поранешниот директор на Царинската управа, кој се бараше за издржување на седумгодишна затворска казна, оној момент кога се чини дека сите кренаа раце од случајот, Даравелски „мистериозно“ сам се појави на граничниот премин на Табановце. Во дел од медиумите се споменува и дека неговото доаѓање наводно било најавено со анонимна дојава.

Даравелски се враќа дома по дводецениско бегство, во период кога согласно македонските закони, би можел по различни основи да го избегне одлежувањето на повеќегодишната казна затвор. Засега сѐ се базира на претпоставки, коишто треба да ги разјасни Основниот суд во Куманово, кој што е надлежен за предметот кој се водел за Даравелски, но и ја има распишано потерницата по него во април 2013 годинa. Упатства за тоа како понатаму ќе се поставува со бегалецот чекаат и од Управата за извршување санкции, кои засега не знаат дали и кога застарува извршувањето на неговата казна.

Правни дилеми 

Поранешниот директор на Царинската управа во 2007 година беше осуден во отсуство на 7 години затвор поради злоупотреба на службената положба и овластување во периодот од 1999 до 2002 година, со што се проневерени 2,5 милиони евра. Против него беа поднесени неколку кривични пријави за злоупотреба на службената должност и овластувања. Една од нив беше и за неуплатување на приходите од царините во буџетот на државата и за отуѓување возила, сопственост на царината и на други институции.

затвор Идризово
Засега е неизвесно колку време ќе помине Драган Даравелски во затворот „Идризово“Фотографија: Petr Stojanovski

Согласно Кривичниот законик, застареноста на извршување на казната подразбира неможност да се започне со извршување на изречената казна со изминувањето на рокот, кој во законот е определен како рок на застареност, почнувајќи од денот на правосилноста на судската одлука. Доколку со закон поинаку не е определено, изречената казна не може да се изврши кога ќе поминат 30 години од осуда на доживотен затвор, 20 години од осуда на затвор над десет години, 10 години од осуда на затвор над пет години, пет години од осуда на затвор над три години, три години од осуда на затвор над една година и две години од осуда на затвор до една година или на парична казна.

Му застарува ли делото? 

Кај правните лица застарувањето на извршувањето на паричната казна и казната одземање на дозвола, лиценца, концесија, овластување или друго право утврдено со посебен закон настапува кога ќе поминат три години од денот на правосилноста на пресудата со која се изречени. Исто така застареност на кривичното гонење настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што според законот се бара за застареност на кривичното гонење (апсолутна застареност).

Во случајот на Даравелски од извршувањето на делото се поминати 20 години, а од правосилноста на казната веќе поминале повеќе од 10 години.

Со оглед на тоа дека на Даравелски му е судено во отсуство, тој може да побара да му се суди повторно, но според правниците ваквата можност е спорна, со оглед на тоа дека се поминати долги години од пресудата, а Даравелски кој изминативе години се наоѓал во „соседството“ имал повеќепати можност во минатото да побара нов судски процес.

Драган Даравелски е еден од најбараните бегалци од земјата, кој веќе 20 години ја избегнуваше правдата. На 24 март 2016 година, Даравелски беше уапсен од српската полиција во Белград, но двојното државјанство му овозможи сите овие години успешно да ги избегне барањата за негова екстрадиција, коишто ги имаше во неколку наврати во 2004, 2013 и 2016 година, а последното барање било испратено во јуни 2020 година.

Back to top button
Close