Што се знае досега: Судијата Ѓоко со заѕиданите пари е на боледување од минатата недела, не се открива каде е, а неизвесна му е и судбината за да остане на слобода

Судбината на апелацискиот судија Ѓоко Ристов засега останува неизвесна, додека против него се води истрага за противправно стекнување и прикривање имот, со сомневање дека имотот бил обезбеден преку корупција и трговија со влијание. Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција потврдуваат само дека предметот се работел со месеци, интензивно и без прекин, нагласувајќи дека станува збор за сложена и обемна постапка која сè уште е во тек.

Во исто време, од Апелацискиот суд во Скопје за „Скопје1“ потврдуваат дека Ристов од минатата недела се наоѓа на боледување. Каде се наоѓа тој во моментов, институциите не откриваат, а официјални информации за неговиот статус нема.

Првите неофицијални информации до кои дојде „Скопје1“ се дека судијата е под истрага се појавија уште пред Нова година, кога од правосудните кругови се проширија гласини дека бил извршен претрес во објект поврзан со него. Тогаш ниту една институција не ги потврди, но ниту ги демантираше тие информации иако нашата редакција бараше одговори. Сомневањата уште тогаш упатуваа на можноста дека се испитува дали земал мито за да влијае врз судски одлуки. Според неофицијални сознанија, при првиот претрес во рамки на истрагата, на Ристов му бил одземен и мобилниот телефон.

Претресот кој започнал вчера напладне и траел до доцна вечерта резултирал со пронаоѓање на 350.000 евра, заѕидани во ѕид во домот на неговите родители во Неготино. Засега не се соопштува дали биле пронајдени и други предмети. Дел од медиумите објавија информации дека истражителите претходно наишле и на друг „бункер“ за пари на посебна локација, кој бил празен, но оваа информација досега не е независно потврдена.

Обвинителството одбива да сподели дополнителни детали, со образложение дека секое откривање информации може да ја загрози истрагата. Поради тоа, јавноста останува без одговор и на прашањата кои вообичаено не се сметаат за тајни во оваа фаза од постапката. До Кривичниот суд, заклучно со овој момент, не е доставено барање за определување мерки за претпазливост, меѓу кои и притвор. Доколку такво барање биде поднесено, судијата што ќе одлучува ќе мора најпрво да се обрати до Судскиот совет за укинување на имунитетот на Ристов, па дури потоа да се одлучува за евентуални мерки.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција официјално соопштија дека истрагата продолжува и дека сите истражни дејствија се насочени кон целосно расчистување на сомневањата за корупција и незаконско стекнување имот.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close