Што треба да се знае за замрзнатите руски средства
Мнозинството членки на ЕУ сакаат да ги користат замрзнатите руски милијарди за да ѝ помогнат на Украина. Но има и такви што се против. На денешниот самит на ЕУ во Брисел конечно би требало да се реши ова прашање.

Што се замрзнати средства и кој ги замрзнува?
Замрзнати средства се финансиски средства или имот до кои сопственикот не може да пристапи или да ги користи за каква било трансакција или трансфер, поради ограничувања наметнати од земја или заедница на земји како што е Европската Унија.
Во случајот со Русија, замрзнати се и државни (суверени) средства – во форма на готовина, обврзници и хартии од вредност кои се чуваат во странство – како и приватните средства, како што се јахти и недвижности во сопственост на санкционирани руски милијардери.
Средствата обично се замрзнуваат преку санкции.
„Спроведувањето на замрзнување е во надлежност на финансиските институции“, како што се комерцијалните банки или централните депозитари за хартии од вредност, кои мора да ги блокираат трансакциите и да спречат пристап до замрзнатите средства, изјави за ДВ Агата Демареј, виш соработник во Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР).
Зошто се замрзнати руските средства?
Руските средства беа замрзнати како резултат на западните санкции по руската инвазија врз Украина во 2022 година. Целта на оваа мерка беше финансиски да се ограничи Русија и да се спречи да ги користи тие пари за финансирање на војната.
Некои експерти веруваат дека фактот што поголемиот дел од замрзнатите руски средства се наоѓаат во земјите членки на ЕУ ѝ дава на Унијата важна предност за водење мировни преговори во корист на Украина.
Каде се наоѓаат руските средства?
Од вкупно околу 300 милијарди евра замрзнати средства, околу 210 милијарди евра се под јурисдикција на земјите членки на ЕУ. Остатокот е распределен низ САД, Јапонија, Обединетото Кралство, Швајцарија и Канада.
Најголемиот дел – 180 милијарди евра – се чува во институцијата наречена Евроклир во Белгија.
Што е Евроклир – и зошто се спротивставува на користењето на руски средства од страна на ЕУ?
Евроклир е една од најголемите финансиски куќи во светот за тргување со хартии од вредност – важна е за финансискиот пазар како таканаречен депозитар за хартии од вредност.
Евроклир стравува дека запленувањето на руски пари би можело да го оштети нејзиниот углед кај меѓународните инвеститори, па дури и да предизвика правни спорови со Москва. Централната банка на Русија веќе одлучи да го тужи Евроклир за 200 милијарди евра, со цел да ги врати замрзнатите пари и изгубената камата.
Кои земји сакаат да ги користат руските средства – и за што?
Повеќето европски земји, вклучувајќи ги Германија и Франција, сакаат Русија да плати за штетата што ја предизвика со водењето агресорска војна против Украина.
Замрзнатите средства затоа би можеле да се користат и за зајакнување на одбраната на Украина и за обнова на земјата.
Кои земји не сакаат да користат руски средства – и зошто?
Од правна гледна точка, користењето на замрзнатите руски средства е сложено прашање и постои обемна дебата за тоа дали овие средства, особено главниот износ, можат законски да се користат за помошво Украина.
Белгија стави вето на користењето на замрзнатите средства поради страв дека би можела да се најде во правен спор со Москва. Исто така, постојат стравувања дека Белгија подоцна би можела да биде обврзана да ја врати сумата доколку Москва го побара тоа.
Покрај тоа, Италија како една од главните европски земји, но и Малта и Бугарија, побараа од ЕУ да бара алтернативни начини за финансирање на потребите на Украина.
Што се случува со замрзнатите средства во меѓувреме?
Средствата остануваат замрзнати или, како што вели Европската Унија, „имобилизирани“. Ова значи дека сите трансакции или трансфери во Русија се блокирани.
Минатата година, Европската Унија одлучи да ги искористи вонредните профити остварени на имотот во Евроклир и во средината на 2024 година, ѝ ја исплати на Украина првата транша од 1,5 милијарди евра.
Каков е ставот на САД за користењето на руските средства?
Под претседателот Џо Бајден, Соединетите Американски Држави – кои држат помалку од 5 милијарди евра руски средства – се согласија да ги користат вонредните профити за да ѝ помогнат на Украина. Сегашната администрација на Доналд Трамп сака да искористи дел од замрзнатите руски средства за заеднички проекти со Москва.
Меѓутоа, експертите истакнуваат дека САД можат да одлучуваат само за средствата кои се под нивна надлежност, а не за оние во државите од Европската Унија.
Што вели мировниот план на Трамп за замрзнатите средства?
Според протечената верзија на првичниот мировен предлог на Трамп од 28 точки, 86 милијарди евра замрзнати руски средства би биле инвестирани во „напори предводени од САД за обнова и инвестирање во Украина“, при што САД ќе добијат 50 проценти од профитот.
Демар од ЕЦФР вели дека Трамп има намера да ги земе тие пари од руските средства замрзнати во Европа и да ги искористи за профит на американската влада и американските компании.
Остатокот од замрзнатите средства, што е повеќе од 200 милијарди евра, би биле инвестирани во заеднички американско-руски инвестициски фонд „за да се создаде силен поттик за да не се врати конфликтот“, се наведува во предлогот. Меѓутоа, според Демара, од тоа корист би имале Вашингтон и Москва, но не и Украина.
Зошто ЕУ „на неопределено време ги имобилизираше“ руските средства?
Првично, замрзнувањето на руските средства се обновуваше на секои шест месеци. Секој пат кога ќе се случеше обновување, постоеше страв дека прорускиот премиер на Унгарија, Виктор Орбан, би можел да стави вето на тоа.Одлуката на ЕУ за „на неопределено време имобилизирање“ на руските средства постигнува две цели: ја отстранува потребата од обновување на одлуката, и со тоа можноста за унгарско вето, но и ги штити средствата од Соединетите Американски Држави.
„Во суштина, ова ги става средствата надвор од дофат на САД, што ги комплицира плановите на Трамп да ги префрли средствата на американски фирми или во американско-руски инвестициски фонд“, објаснува Демар. „Овој потег, исто така, го отвора патот ЕУ да ѝ одобри заем на Украина.“ (dw)






