Што знаеме за „калифорнискиот коронавирус“

Нова мутација на коронавирусот, првично откриена во Калифорнија би можела да биде највирулентната и најсмртоносна форма на Ковид-19 досега. Се шири и на меѓународно ниво.

  

Прво, многу е важно да се напомене дека научниците за сега имаат многу малку сознанија за таканаречениот „калифорниски коронавирус“. Но, се стравува дека може да се шири побрзо од другите соеви на коронавирус, дека може да доведе до потешки случаи на инфекција, и потреба од интензивна нега и дека може да биде дури и посмртоносен.

Информациите кои за сега се јавно достапни се од прелиминарен извештај, односно студија кој е објавен и на онлајн платформата наречена medRxiv. Прелиминарен извештај, кој е секако научен и професионален труд, дава детали само од прелиминарни наоди кои допрва треба да бидат рецензирани од независни научници. Поради тоа во ваква фаза на лекарите не им се препорачува да користат било кој од овие податоци во оваа форма, за да не донесат клинички одлуки при лекување на пациентите базирани на нив. Оттука и податоците во овој текст треба да се земат в предвид како информации кои треба дополнително да се потврдат.

USA | 500.000 Covid-19-Todesopfer | Stay-Home-Parole in Kalifornien

Што е познато до сега 

Знаеме дека „калифорнискиот коронавирус“ првпат беше откриен во јужните делови на оваа американска држава. Научниците велат дека е варијанта на САРС-КоВ-2, вирусот кој предизвикува Ковид-19. Можно е да има два соја на новиот вид  – и двата имаат малку поинакви мутации и се заведени како B.1.427 и B.1.429. Во прелиминарната студија пак научниците кои се од медицинскиот центар Чедарс-Синај во Лос Анџелес ги именуваат како CAL.20C. Оваа класификација потекнува од нивната анализа на јавно достапните податоци од два кластера на Ковид-19 каде го пронајдоа она што се вика „релативно нов сој“ CAL.20C. Само овој сој има „пет паралелни мутации“.

Додека другите нови соеви на Ковид 19, како што е британската варијанта B.1.1.7, докажано на глобално ниво се причина за зголемено ширење на заразата, истражувачите пишуваат дека „сѐ уште нема пријавени соеви кои би го објасниле порастот на случаи на заразени во Лос Анџелес и Калифорнија, каде во моментов има највисока стапка на ширење на коронавирусот по глава на жител во земјата.“ Но, се чини, до сега. „Преовладување на сојот (CAL.20C) се совпаѓа со зголемената стапка на позитивни случаи во регионот,“ пишуваат тие.

Што го прави CAL.20C различен?

Мутацијата CAL.20C првпат е регистрирана во Лос Анџелес во јули 2020 година, и потоа повторно минатиот октомври во Јужна Калифорнија. Оттогаш фреквентноста на овој вид се зголемува и веќе до декември таа е присутна кај 24% од секвенцираните примероци од позитивни тестови, велат научниците.

Подгрупите на кластерите од Ковид 19 кои ги споменавме погоре во текстот, се познати како 20G и 20C, при што 20G е најраширениот сој во Северна Америка. Во оваа група, која има најмалку пет мутации е и таканаречниот L452R. Ова е мутација на спајк протеинот на вирусот (познат и како „С“ протеин) преку кој вирусот навлегува во човечките клетки.

Се чини дека новата мутација му дозволува на овој протеин полесно да се закачи за „вирусниот рецептор“ во човечкото тело. Рецепторот често е опишан како “влезна точка“ преку која вирусот навлегува во клетката и ја заразува. Познато е дека мутацијата на спајк протеинот L452R е отпорна на одредени моноклонални антитела кои инаку би го спречиле вирусот да ја инфицира клетката. Ова може да има импликации кај пациентите кои се опоравуваат од Ковид 19 или дури и оние кои се вакцинирани.

Но авторите на извештајот пишуваат дека ефектот на мутацијата CAL.20C и во однос на заразноста и отпорноста кон антитела „во овој момент е непознат“.

Групи мутации

САРС-КоВ-2 мутира од кога знаеме за неговото постоење. Првата позначајна мутација на вирусот беше именувана како D614G и се појави кон крајот на јануари, почетокот на февруари 2020 година. Таа бргу го земени оригиналниот вид кој предизвика ширење на епидемијата во Вухан кој крајот на 2019 година, и стана доминантен сој на глобално ниво.

Во август или септември 2020 година во Данска беше регистриран нов сој кај одгледувани куни кој данските власти го опишаа како варијанта „Кластер 5“.

До декември 2020 година беше јасно дека доминантни стануваат и мутациите регистрирани во Велика Британија (B.1.1.7) и Јужна Африка (B.1.351) и бргу се шират глобално. Мутации на вирусот се откриени и во Бразил и Јапонија.

Веројатно е тешко, особено за оние кои не се медицински експерти, да им се фати крајот на сите овие кодови мутации, со оглед на фактот што нема меѓународно унифицирани имиња за нив. Но како што пишува Светската Здравствена Организација: сите вируси се менуваат со тек на времето.

Оттука една јасна порака која произлегува од текстов е дека без разлика кој вид на коронавирусот преовладува во вашиот регион, вирусот е се уште е околу нас и мора да се преземат сите заштитни мерки за да се заштитиме себе си, оние околу нас, и во крајна линија, светот.

извор: ДВ

Back to top button
Close