Штрајк на новинарите во Грција

Новинарите во Грција во 5 часот утрово започнаа 24-часовен штрајк преку кој бараат потпишување колективни договори и пристојни плати, а земјата денеска ќе биде без вести и информативни емисии, јави дописничката на МИА од Атина.

Штрајкот е организиран од Грчката федерација на новинарски асоцијации во кој учествуваат сите новинарски здруженија, а главното барање на медиумските работници е потпишување на колективни договори во сите медиумски сектори, односно телевизии, весници, списанија, интернет, радија.

Заклучно со утре наутро телевизиите нема да емитуваат вести и информативни емисии, а учествуваат и државната телевизија ЕРТ и новинската агенција АНА-МПА, како и голем дел од информативните портали.

Освен колективни договори, вработените во медиумите бараат и: суштински и плодни колективни преговори со цел да се стави крај на заложништвото на индивидуалните договори за вработување; почетна плата од 1.250 евра во сите медиуми; зголемување на платите за 10 отсто врз основа на последните колективни договори за работа; загарантирана плата за работа за време на викендите (плус 25 отсто и слободен ден за сабота и плус 100 проценти во недела); зголемување на надоместокот за испраќање на терен вон градот каде што се наоѓаат; дневници од 350 евра за испраќање во воени зони и 250 евра во подрачја погодени од елементарни непогоди.

Новинарите одржаа 24-часовни штрајкови во февруари, март и април годинава, а освен денешниот, закажан е и уште еден за следниот четврток.

Back to top button
Close