Шукова ја претстави визијата за Старата скопска чаршија
Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ и коалицијата Каја Шукова денеска ја претстави својата визија за Старата скопска чаршија.
Според неа, Чаршијата е душата на Скопје, но, како што рече, е задушена од нечистотија, административен хаос и институционална негрижа.
– Нашиот план е јасен, визијата е да им ја вратиме Чаршијата на скопјани. Имам решение. Секојдневно чистење, нова урбана опрема, јавно осветлување и ви-фи зони, со почит кон автентичниот изглед, изјави Шукова од пред споменикот на Скендербег.
Доколку ја добие довербата од скопјани, вети и поддршка за дуќанџиите и занаетчиите, со буџетски средства за реконструкција на дуќани, правна и финансиска помош и отворени школи на занаетчии и мајстоски работилници.
– Нашата цел е чаршијата конечно да добие еден центар за управување по целосна надлежност на Град Скопје. Без лавиринти меѓу институции, туку ефикасна, брза и транспарентна администрација за сите што живеат и работат таму, истакна Шукова.
Најави и поддршка во културата, односно реновирање на Сули ан, поддршка за студентите по ликовна уметност, отворање на арт атељеа и културни програми.
– Имаме план за развивање дигитална платформа за туристи, јазични обележја, подобрена пешачка инфраструктура и европски културни рути, затоа што Чаршијата мора да привлекува туристи, да живее и да расте. Ова не е уште едно ветување. Ова е визија што ја враќа Чаршијата како живо срце на Град Скопје, бидејќи ние се бориме за нашиот дом, додаде кандидатката за градоначалник од СДСМ и коалицијата.