Шукова: Георѓиевски, ветувајќи парк во Вардариште, манипулира со граѓаните или воопшто не ја познава состојбата

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, го обвини Орце Георѓиевски дека манипулира со граѓаните или целосно не ја познава состојбата, ветувајќи парк во Вардариште.

-Орце Георѓиевски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, ветува парк во Вардариште. Со ова ветување докажува или дека манипулира или дека е целосно некомпетентен и неинформиран за да го води градот.

Во Вардариште има над 2 милиони кубни метри отпад, одлаган без подлога. Тоа е локација со висок ризик по здравјето и животната средина, каде е неопходна стручна и долгорочна санација – не бајки за паркови. Само процесот на деконтаминација на земјиштето за да може да се засади едно дрво би траел со години.

Георѓиевски демонстрира целосно непознавање на проблемот. Нема ни техничка, ни правна, ни финансиска можност во моментов да се прави што било на таа локација. Зошто?

Бидејќи:

📌 Тече арбитражна постапка во Париз поврзана со проектот „Скопски колектор“, кој минува токму низ Вардариште. До завршување на постапката не може да се менува намената.

📌 Во 2017, со поддршка од ЕУ, е изработена стручна документација: на Вардариште треба да се изгради современа претоварна станица, а постоечката локација да се затвори и ревитализира. тоа е единствениот легитимен и стручен план и јас стојам зад тој план.

📌 Пред неколку месеци е распишан тендер за целосна поддршка на регионалниот систем за отпад. Сè друго во моментов како идеја е штетно, опасно и популистички манипулативно.

Георѓиевски не само што не нуди решение туку ја надминува неспособноста и неодговорноста на ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска во последните четри години.

Мојата порака до скопјани е: Еднаш ве излажаа со приказни за 150 автобуси, мега паркови и слични шарени приказни. Не дозволувајте да се случи истото – напиша Шукова на фејсбук.

 

Back to top button
Close