Шукова најави 15 нови паркови во првите 15 месеци
Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, заедно со кандидатката за градоначалник на Бутел, Оливера Ливриниќ, кандидатите од советничката листа и генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитриевиќ, во општина Бутел, разговараа за плановите за озеленување и подигнување на квалитетот на животот во градот. Во општината во план е да се направи мега парк, кој сега е запуштен јавен простор. Шукова најави дека во првите 15 месеци ќе започне реализацијата на планот за 15 нови паркови низ сите скопски општини и засадување на 10.000 дрва, вклучувајќи и овошни садници. Новите паркови ќе се планираат особено во густо населените подрачја, со приоритет на урбаните заедници кои најмногу трпат од недостиг на зеленило.
„Ќе рехабилитираме запуштени површини, ќе поставиме урбана опрема, клупи, осветлување, зони за рекреација, па дури и посебни паркови за миленици. Зелените коридори што ќе ги воспоставиме ќе ја поврзат природата со секојдневието на граѓаните,“ истакна Шукова.
Таа рече дека овие паркови се инвестиции во здравјето, воздухот и квалитетот на живот на секој скопјанец. „Зеленото е наша стратегија, не само украс. Скопје ќе дише повторно“-посочи Шукова.
Кандидатката за градоначалник на Бутел, Оливера Ливриниќ посочи дека општината во последните 4 години стагнирала, иако имало многу ветувања, немало никаква реализација.
„Бутел стагнираше цели четири години. Имаше многу ветувања – но речиси никаква реализација. Затоа нашата програма е директно заснована врз реалните потреби на жителите. Нема веќе да толерираме неуредени простори и диви депонии. Ќе создадеме чиста, уредена и безбедна општина“, посочи Ливриниќ.