Шукова претстави план за решавање на проблемот со Вардариште

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Каја Шукова, денеска, на прес-конференција претстави план за решавање на дивата депонија Вардариште, за кој појасни дека би се реализирал во две фази.

– Граѓаните вчера на протест јасно порачаа – доста е со труењето од Вардариште. Наместо празни зборови бараат конкретни нормативни решенија. Вчера повторно мирисаше на чад во домовите на граѓаните во околните општини. Чадот и смрдеата ги гуши жителите на Ново Лисиче, Аеродром, Маџари и Автокоманда. Орце Ѓорѓиевски ги потценува овие граѓани, неговото наводно решение за изградба на парк на таа локација е навреда и предизборна манипулација. Орце ќе го претвори во парк Вардариште онолку колку што го дислоцираше Центарот за зависници од Кисела Вода. Да бидеме јасни, тие немаат решение, а нашиот план е реален и во две фази, порача Шукова.

Првата фаза, појасни, вклучува заштита од палење на дивата депонија со оградување на Вардариште, физичка контрола и поставување на видео надзор, додека пак, втората фаза, која рече се однесува на среден и долг рок, вклучува изградба на современа претоварна станица и целосна санација на контаминираната локација.

– Прва фаза заштита од палење, односно во рок од 45 дена систем за спречување на палењето на депонијата, оградување на Вардариште, физичка контрола и обезбедување на Вардариште со поставување на систем за видео надзор. Во втора фаза на среден и долг рок изградба на современа претоварна станица и целосна санација на контаминираната локација. Воспоставување целосен систем за управување со отпад од собирање до финално депонирање во Дрисла со задолжителна селекција. Обнова на опремата за собирање на отпад, постојан мониторинг за надзор според највисоките еколошки стандарди. Ова е вистинското решение за Вардариште, сѐ друго се бајки и приказни на ВМРО-ДПМНЕ. Скопје нема време за нови лаги, скопјани не смеат да се трујат заради кампањата на Ѓорѓиевски, порача Шукова

Back to top button
Close