Шукова: Скопје не може да издржи уште еден градоначалник кој ќе работи за профитот на владејачката елита
Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, денеска на прес-конференција остро ја критикуваше работата на локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека последните четири години биле период на хаос, корупција и целосно игнорирање на интересите на граѓаните.
„Граѓаните точно знаат кој го доведе Скопје во оваа состојба. Никогаш градот не бил подалеку од своите граѓани. Наместо одговорно управување, Скопје стана заложник на партиските интереси и на пресметките на ВМРО-ДПМНЕ. Денес секоја улица и секое маало сведочат за нивниот неуспех“, рече Шукова.
Таа потсети дека Скопје се соочува со целосно уништен јавен превоз, преполни контејнери и нефункционален систем за чистење, како и со урбанистички хаос и криминални дивоградби. „Културниот живот и урбаниот дух на градот се уништени. Наместо вистински решенија, добивме застој и распаѓање“, додаде кандидатката.
Шукова го обвини противкандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, дека отворено го брани урбанистичкото дивеење во Чаир и дека ја продолжува истата политика на бизнис-интереси на штета на граѓаните. „Скопје не може да издржи уште еден градоначалник кој ќе работи за профитот на владејачката елита. Градот е за живеење, а не за партиска каса“, истакна таа.
Најавувајќи дека по 19 октомври Скопје мора да добие вистинска промена, Шукова порача дека нејзината визија е град кој обединува, нуди чиста и културна средина и се води од интересите на граѓаните, а не на партиите. „Скопјани заслужуваат чесен градоначалник со визија и план, кој ќе донесе решенија, а не нови разочарувања“, заклучи таа.