Шукова со три итни мерки за Вардариште: 24 часовен надзор, оградување и забрана за влез
Кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова, денеска одржа прес-конференција пред депонијата Вардариште, нагласувајќи дека над 150.000 жители од општините Аеродром и Гази Баба секојдневно се изложени на чад и загадување, се наведува во соопштението од кандидатка за градоначалничка на Град Скопје Каја Шукова.
„Екоцидот во Вардариште мора да запре веднаш. Моето прво и најитно решение е воведување на 24-часовен надзор, целосно оградување на депонијата и забрана за влез на сите лица освен вработените од ‘Комунална хигиена’, за да престане палењето на отпад и да се заштити здравјето на граѓаните,“ рече Шукова.
Таа нагласи дека ова е интервентна мерка, која е неопходна пред да се премине кон долгорочни системски решенија, како изградба на нова претоварна станица, обновување на механизацијата и воведување на задолжителна селекција на отпадот.
„Скопје не смее да биде жртва на политички игри и празни ветувања. Вардариште мора да се заштити веднаш, а граѓаните да дишат чист воздух,“ додаде Шукова.