Шукова: Вардариште е еколошка бомба, бараме итно свикување на седница на советот на Град Скопје
Над 150.000 граѓани се трујат 4 години во континуитет поради нив. Четири години неспособната локална власт на ДПМНЕ не успева да реши една дива депонија што шири зараза и смрт. Ова е врв на неработење, негрижа и криминална рамнодушност, изјави денеска кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова за, како што вели,„еколошка бомба“ во депонијата Вардариште која е закана за над 150.000 граѓани од Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода но и за цело Скопје.
Покрај бурните реакции и протести на граѓаните, додава Шукова, власта на ВМРО- ДПМНЕ молчи и ништо не презема.
-Како ВМРО-ДПМНЕ да се подбива со граѓаните кои бараат право на живот, на чист воздух и здрава животна средина. Најголеми виновници за загушеното и задушено Скопје се Мицкоски и неговите градоначалници, Ѓорѓиевски и Арсовска.
Бидејќи Советот на Град Скопје каде мнозинството го има ВМРО-ДПМНЕ исто така молчи, преку советничката група на СДСМ ќе бараме итно свикување на седница на советот на Град Скопје за Вардариште, додаде Шукова.