Шукова за ДВ: Ќе воведеме комунална полиција

По две и пол децении служба во Министерството за животна средина, од кои последните две како државен секретар, Каја Шукова има амбиција да го реализира она што се влече со години. Проектите за управување со отпад и води се приоритетни за реализација и тежат 300 милиони евра. Во разговорот за Дојче веле, таа најавува и засилени активности за поголема вклученост и на општините во планот за почист воздух и поздрава животна средина.

ДВ: Госпоѓо Шукова, екологијата и животната средина се едни од најголемите предизвици за државата. Граѓаните постојано бараат конкретни, но и долгорочни решенија. Кои се вашите приоритети за реализација?

Каја Шукова: Државата долг период се подготвуваше за одредени процеси. Изминативе неколку години направивме сериозни напори за обезбедување средства за спроведување на приоритетите. На државата беше и ќе ѝ остане главен приоритет управувањето со отпадот.

 

ДВ: До каде сме на овој план? За ова се зборува одамна, но реализација сѐ уште нема.

Каја Шукова: Законот за управување со отпад е донесен во 2004 година и оттогаш, согласно стратегиите кои подразбираат регионално управување со отпад, досега де факто имаме направено многу малку. Почнавме со реализација на источен и североисточен регион, каде одиме со средства од ИПА-фондовите и таму сме во напредна фаза. Доделена е опрема на општините, сега се подготвуваат документите за распишување огласи за изградба на трансфер, односно претоварните станици и регионалните депонии.

 

ДВ: За колку региони, односно регионални депонии станува збор и колку тоа ќе чини?

Каја Шукова: Обезбедивме заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 55 милиони евра и со овие средства ќе бидат опфатени пет региони. Овие пари ќе бидат искористени за основната инфраструктура, набавка на опрема канти, контејнери, камиони, изградба на станици за претовар. Предвидени се по неколку претоварни станици во секој од регионите каде што отпадот ќе се собира, а од таму ќе се носи во централните депонии.

 

ДВ: За кои конкретно региони станува збор?

Каја Шукова: Југозапад и Пелагонија ќе имаат една депонија, Новаци е локацијата, тука имаме и документација и сме во понапредна фаза. Потоа Југоисток и Вардар, кои треба да се врзат со една регионална депонија која треба биде во близина на Василево, и проект за кофинансирање на „Русино“ во Полог, кој веќе извесно време го финансира швајцарската влада. Таму рехабилитацијата е веќе почната, има заштитни мерки, но потребни се уште финансии за да може да се дозаштити и да може да се експлоатира. Меѓутоа рокот на траење односно експлоатација е најмногу пет години. Во овој период ќе бараме нова локација.

 

ДВ: Каде би била та локација, сепак станува збор за регион кој е во близина на Шар Планина која е национален парк?

Каја Шукова: Имаме малку проблем поради статусот на Шар Планина, во чиј предел во голем дел не е дозволено да се гради депонија. Решенија има, но многу често и жителите реагираат. Тоа е предизвик на кој треба исто така да се работи, не знам зошто да биде толкав проблем ако во близина имате регионална депонија. Напротив, може да има само придобивки за општината. Нови вработувања, современи системи, плус што со овие системи ќе се намали количината на отпадот што ќе се складира. Станува збор за проекти какви што немаме во државата и се согласно сите европски стандарди. Ние денес немаме депонии, имаме општински депонии кои ги викаме депонии, но стандардна депонија немаме ниту една. Се зборува за „Дрисла“ дека е некаква полустандардна, но и таа не е согласно европските стандарди.

 

 

ДВ: Значи „Дрисла“ не е дел од овој проект. Како таа ќе се решава?

Каја Шукова: „Дрисла“ е најголемата инвестиција. Таа е проблем, но и „Вардариште“ во Скопје исто така е голем проблем. Во моментов „Вардариште“ функционира како претоварна станица, таму се носи отпадот, па потоа се товари и се носи во „Дрисла“. Но таа не е ниту во стандардите на претоварна станица. Сакам да го средиме „Вардариште“ за почеток да биде на ниво на претоварна станица, па потоа да одиме со „Дрисла“. Треба да разговараме со Градската власт и со комунална хигиена која сака да соработува. Планирано е финансирањето да се решава со средства од ИПА-фондови, но разгледуваме и други решенија.

 

ДВ: Колку би чинел проектот за скопскиот регион?

Каја Шукова: ИПА пресметките се дека се потребни околу 100 милиони евра, но јас мислам дека тоа е многу. Бидејќи со половина од оваа сума решаваме за 4 региони комплетна основна инфраструктура и кофинансирање на Полог. Зошто тогаш за Скопје да бидат потребни двојно повеќе средства? Но тоа допрва ќе го решаваме. Многу е важно што во делот на регионалните депонии обезбедивме грант во износ од 22,5 милиони евра, така што добар дел од заемот е практично ослободен. Таков пристап може да има и за Скопје.

 

ДВ: Кога можеме да очекуваме и конкретен старт на работите?

Каја Шукова: Очекувам во наредните два до три месеца да се објави меѓународен тендер, а за целосна реализација не повеќе од три години, можеби четири, но тоа мислам дека е многу.

 

ДВ: Улогата на централната власт е клучна, но каде се тука општините?

Каја Шукова: Јавните комунални претпријатија ќе продолжат да работат на собирање и трансфер до претоварните станици. Оттаму до депониите ќе има регионални тела за управување. Станува збор за нови тела во кои секоја општина ќе има удел, согласно големината, финансиски, но и во телата на управување. Сега имаме само неформална селекција на отпад. Само во Прилеп има сериозна селекција и таму депонираат многу мала количина. Имаме капацитети за селектирање и преработка на пластика, хартија, стакло, ајде да почнеме.

 

ДВ: Управувањето со отпадот е важно, но што е со другите проблеми? Загадувањето, отпадните води, канализациите, пречистителните станици?

Каја Шукова: Веќе имаме втор заем од 50 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ) за втора фаза од водовод и канализација. Но она што е жално, е што првиот заем уште од 2012 година од идентична сума сѐ уште се спроведува и не можеме да го затвориме.

 

ДВ: Каде е проблемот, зошто толку се одолговлекува кога велите дека има пари?

Каја Шукова: Има повеќе фактори, од неподготвеност на општините, лоши проектни документации, или проблем со пречистителните станици. Никој нема да ви одобри проект за водовод и канализација ако отпадните води завршуваат во река и немате, на пример, пречистителна станица. Мора да се пристапи посериозно. Размислуваме да воведеме рокови и ако некои општини не ги почитуваат, парите ќе ги пренасочиме на оние кои се поспремни и поажурни. Така ќе ги мотивираме.

 

ДВ: Како ќе се реши проблемот во Скопје, каде има застој во проектот за пречистителната станица? Сведоци сме дека има отворен судир помеѓу градоначалничката и поранешното раководство на водовод и канализација околу проектот за кој патем има обезбедено пари.

Каја Шукова: Еден документ е веќе потпишан, имаме неформална комуникација дека веќе се почитуваат сите договори кои треба да се потпишат. Може да оди побавно, но имаме позитивни сигнали од водовод и од Град Скопје. Мислам дека тој проект ќе почне да се реализира во најскоро време.

 

ДВ: Од она што досега го зборувате, за овие клучни проекти има пари, но нема реализација.

Каја Шукова: Да, парите се тука, околу 185 милиони евра за пречистителна станица во Скопје, 55 милиони од ЕБОР за регионалните депонии, плус 9 милиони швајцарски средства и 50 милиони евра од ЕИБ за втората фаза за отпадни води. Или вкупно околу 300 милиони евра.

 

ДВ: Што е со секојдневните проблеми на граѓаните? Загадувањето и натаму е сериозен предизвик. И годинава Скопје и некои други градови повторно беа во неславниот врв во светски рамки по загаден воздух?

Каја Шукова: Кога зборуваме за загадувањето сите имаме одговорност, од централна власт до обичен граѓанин, секој во својот дел. Државата треба да донесе политики и закони, локалната самоуправа треба да ги спроведе, а граѓаните треба да бидат одговорни. Ако зборуваме за воздух, државата има донесено политики и точно се знаат сите мерки, уште пред десет години. Државата има обврска да инвестира, а исто така и општините. Анализите покажуваат дека најголем дел на загадувањето доаѓа од домаќинствата, И ние мора да си признаеме како граѓани дека сме виновни, како постапуваме со отпадот, како се грееме. Секако дека има и други фактори како што е урбанизацијата, условите за градење и немањето обврска за приклучок кон топлинската мрежа онаму каде што ја има. Се средија доста диви депонии во делот на Градот, имаше мониторинг, но треба уште да се работи, најмногу на контрола, но и санкции. Државата да санкционира, но и општините.

 

ДВ: Зошто нема казни, сведоци сме дека се грее на што се стигне?

Каја Шукова: Видете, ние не можеме да влеземе во домаќинство и да кажеме – на што се греете, на пластика, масло… И тоа е мал хендикеп. Затоа сметам дека треба повторно да размислуваме меѓу другото и на комунална полиција. Тоа е ставено во програмата на Владата и сега сакам да го реафирмирам тој процес. Имаме некаква верзија на закон. Ќе седнеме со јавните претпријатија да разговараме. Тоа ќе биде повеќе можеби во доменот на Министерството за внатрешни работи, но и ние ќе бидеме вклучени.

 

ДВ: Зошто комунална полиција? Имаме инспекции, служби за надзор. Нели се тие доволни за да постапуваат?

Каја Шукова: Имаме државни инспекторати, имаме локални инспекторати и тие имаат интервенции. Согласно нивните програми тие вршат надзори, редовни и вонредни. Но кога зборувам за комунална полиција, тоа е нешто друго. Тоа ќе бидат лица со посебни овластувања кои ќе прават контрола, надзор и санкционирање на секојдневна основа. Ќе бидат постојано на терен, ќе имаат свои реони, ќе можат да постапуваат по разни основи. Но главно за управувањето со отпад и загадувањето. Ќе имаат овластувања да го санкционираат секој кој ќе прави престап.

 

ДВ: Очекувате ли поддршка за овој план? Сепак треба соработка и со другите институции?

Каја Шукова: Како што кажав, тоа е веќе дел од владината програма и очекувам целосна поддршка. Го отворам прашањето за тоа и да се реализира и очекувам целосна поддршка од сите институции.

 

ДВ: За ова веројатно ќе треба и поддршка од општините?

Каја Шукова: Секако. И не само за ова, туку генерално за сите предизвици. Во делот на екологијата имаме средства и проекти и за нив треба да се конкурира. Некои општини тоа го прават, но дел не се снаоѓаат најдобро. Затоа мислам дека треба малку да поработиме на регионално управување. Ние сме држава поделена на општини, но имаме осум центри за развој на регионите. Зошто одредени работи да не се спроведуваат преку регионите? Деновиве ќе имам средба со директорите на планските региони, да видиме до каде се, кои им се потребите. Треба да се работи со планските центри кои ги имаат податоците, дури и повеќе од општините. Тие постојано соработуваат со советите на градоначалниците, ги имаат информациите. Зошто, кога можеме, да не соработуваме со осум тела, наместо со осумдесет општини. За одредени прашања е полесно и поефикасно да има регионален пристап и ќе се залагам тоа да стане почеста пракса.

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close