Шукова: Железница на кеј на Вардар – Уште еден од низата на проекти без стратегија за урбано Скопје
„Идејата за железница покрај кејот на Вардар е исклучително погрешна. Тоа е последното нешто што му треба на Скопје. Кејот на Вардар е едно од ретките места што им преостануваат на граѓаните за мир и рекреација од хаосот на секојдневието во градот. Да се уништи тој простор со шини и бучава би било културен и еколошки вандализам“, смета кандидатката за градоначалник на Скопје од редовите на опозициската СДСМ, Каја Шукова.
Таа вели дека граѓаните на Скопје заслужуваат уреден кеј со велосипедски и трим патеки, урбана опрема, зеленило и чист воздух. “Тоа е визијата што ќе ја бранам, кејот како градска оаза за спортување, пешачење, семејни прошетки и живот“, додава Шукова.
„Што му треба на Скопје? Сериозен, ефикасен и еколошки јавен транспорт. Наместо да се фрлаат нереални идеи кои звучат добро на хартија, а се катастрофа во реалноста, ќе предложиме нов, модерен систем на јавен превоз кој ќе биде брз, достапен, чист и одржлив. Ќе го дигнеме јавниот превоз од пепелта во која ВМРО-ДПМНЕ го остави да тоне четири години.
Моја заложба како кандидатка за градоначалничка е јасна, Скопје ќе биде град за луѓето. Град на велосипедисти, мајки со деца, спортисти, рекреативци, ученици, пензионери,“ реагира потпретседателката на СДСМ и кандидатка за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова.
Идејата за железница по кејот произлезе од вчерашниот состанок на Стопанската комора со кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, кој пак даде поддршка за ваков проект, а за возврат бизнис секторот застана зад неговата кандидатура