Швајцарија ќе му понуди имунитет на Путин ако дојде на мировната конференција
Швајцарија ќе му понуди имунитет на рускиот претседател Владимир Путин, и покрај обвинението против него пред Меѓународниот кривичен суд, под услов да присуствува на мировната конференција, изјави денес швајцарскиот министер за надворешни работи Игнацио Касис.
Минатата година, федералната влада ги дефинираше правилата за доделување имунитет на лице под меѓународна потерница, во случај тоа лице да доаѓа на мировната конференција, а не од приватни причини, рече Касис на прес-конференција со својот италијански колега Антонио Тајани во Берн.
Порано денес, францускиот претседател Емануел Макрон ја спомена Женева како можно место за идна средба меѓу Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Макрон рече дека Женева не е само хипотеза, туку колективна волја, бидејќи тие сакаат средбата да биде во неутрална земја.
„Јас сум за Женева или некоја друга земја. Последниот пат билатералните разговори беа во Истанбул“, се потсети Макрон откако присуствуваше на состанокот меѓу Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа во понеделник, заедно со неколку европски лидери.