Шведската „кралица на отпадот“ осудена на шест години затвор поради тешки еколошки злосторства

Во најголемиот случај на еколошки криминал во историјата на Шведска осудени се десет луѓе поради тешки еколошки злосторства. Процесот траеше неколку години, а пресудата е на речиси 700 страници.

Шведската претприемачка Фариба Ванкор, е осудена на шест години затвор поради незаконско одложување на стотици илјади тони токсичен отпад. Ванкор, претходно позната како Бела Нилсон, која беше директорка на компанијата за управување со отпад „Тинк пинк“ (Think Pink), е прогласена за виновна по 19 точки од обвинението за сериозна штета врз животната средина. Нејзиниот поранешен сопруг Томас Нилсон е прогласен за виновен по 12 точки од обвинението и осуден на три години и шест месеци затвор.

Фирмата на Ванкор добил договор да постапува со градежен отпад од општини, градежни компании, станбени здруженија и граѓани, но наместо правилно да го одлага, компанијата го оставила отпадот несортиран и незаконски го фрлала на 19 локации низ Шведска.

Истражителите откриле високи нивоа на токсични соединенија, како што се олово, жива, арсен и други хемикалии кои го загадуваат воздухот, почвата и водата, загрозувајќи ги луѓето, животните и растенијата.

Петте главни обвинети мора да платат и отштета од околу 250 милиони шведски круни (околу 19 милиони фунти), вклучително и на општината Боткирка и на градот Вестерас.

Back to top button
Close