Шведската Влада предлага уставни измени со кои ќе може да им го одземе државјанството на водачите на криминалните групи

Владата на Шведска денеска предложи уставни измени што би овозможиле одземање на државјанството на водачите на криминалните групи, како дел од борбата против широко распространетиот организиран криминал.
Меѓупартиска парламентарна комисија во јануари предложи уставни измени што би овозможиле одземање на пасошите на лица со двојно државјанство осудени за шпионажа или предавство.
– Владата одлучи да оди подалеку од предлогот на Комисијата, за да обезбеди можност за одземање на државјанството, на пример, на водачи на криминални групи, кои се одговорни за предизвикување многу, многу сериозна штета на општеството, изјави министерот за правда Гунар Стромер.
Тој додаде дека денеска поднесениот предлог-закон до Парламентот вклучува предлог за одземање на пасошите на лица со двојно државјанство осудени за „кривични дела што сериозно влијаат на примарниот национален интерес“, како што се сериозни кривични дела поврзани со организираниот криминал.
Шведска повеќе од една деценија се обидува да се справи со насилството поврзано со бандите.
За да биде усвоен амандманот на шведскиот Устав, предлогот мора да биде одобрен со просто мнозинство во Парламентот, а потоа усвоен на второ гласање по изборите.
Стромер нагласи дека целта е предложените уставни измени да стапат во сила на почетокот од 2027 година.






