Шведскиот филозоф Мартин Хеглунд гостин на КРИК – фестивал за критичка култура во Скопје
Во рамки на КРИК – фестивал за критичка култура, вечер во 20 часот во Музеј на современа уметност ќе се одржи предавање на шведскиот филозоф Мартин Хеглунд, насловено „Овој живот – критика и еманципација“.

Предавањето ќе понуди можност за продлабочено размислување за врската помеѓу љубовта и политиката, помеѓу личната посветеност и колективната одговорност, како и за потенцијалот на демократскиот социјализам да создаде услови во кои секој човек ќе може навистина да располага со својот единствен и незаменлив живот.
По предавањето е предвиден модериран разговор со авторот, кој ќе го водат Јасмина Поповска, Анастас Вангели и Славчо Димитров.
Мартин Хеглунд е шведски филозоф и професор по компаративна книжевност и хуманистички науки на Универзитетот Јејл, Соединетите Американски Држави. Автор е на четири високо ценети книги преведени на петнаесет јазици. Неговата работа се фокусира на прашањата за слободата, времето, одговорноста и секуларната вера, како и на начините на кои политичките, економските и културните системи ги обликуваат човечката зависност и грижата за другите.
Добитник е на бројни престижни признанија, меѓу кои Гугенхајмовата стипендија и наградата „René Wellek“, а неговите дела и идеи имаат значително влијание врз современите дебати за демократијата, социјалната правда и колективната одговорност.






