Сиљановска-Давкова ја оцени како навредлива најновата бугарска резолуција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за навредлива ја оцени најновата резолуција што минатата недела се усвои во бугарскиот парламент во врска со напредокот на земјава во процесот на пристапување кон Европската Унија, со која Софија испраќа порака дека за Македонија нема да има план „Б“ доколку не го почитува Договорот.

„Ова е уште една резолуција. Веќе имало неколку резолуции, меморандуми. Навредливо е такво нешто да се направи бидејќи во старт го оневозможувате заедничкото чекорење низ дијалог. Суштината на преамбулата во Договорот за добрососедство и пријателство е да си помагаме со разбирање. Мислам дека ова не е во ред. Во друга држава сега би следувала иста таква декларација во парламентот“, вели претседателката.
Според неа, нема европски државник со кого седела, а кому не му ги објаснила нашите позиции, но не низ призма на нашиот Устав, туку низ призма на нивните уставни документи.
„Ако не се почитуваат тие, тогаш не може Европската Унија да биде филозофија, оти филозофија, што би рекол Макрон, ама и студентите на Сорбона, без почитување на принципи и вредности нема. Без нив Европската Унија не е заедница, туку политичка и бирократска машинерија. Тоа не треба да биде ЕУ. И сите сакаме да бидеме во ЕУ, заради тоа што е инспиративна, според актите и постапувањата токму поради почитувањето на овие принципи и вредности“, кажа Силјановска – Давкова.
Коментирајќи го извештајот на Европскиот парламент за напредокот на земјава, кој треба да биде објавен утре, претседателката рече дека очекува во него ситуацијата реално да биде отсликана.
Бугарскиот парламент усвои резолуција во врска со напредокот на Република Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија. Беше едногласно поддржана со 194 гласа „за“.
Во резолуцијата, поднесена од Тошко Јорданов (ИТН) и група пратеници, се наведува дека Бугарија останува целосно посветена на европскиот консензус од јули 2022 година и ги повикува властите во Република Северна Македонија строго да ги спроведуваат договорите што ги прифатија.
Во документот се истакнува дека европскиот консензус е договор меѓу земјата кандидат за членство во ЕУ, од една страна, и Унијата како целина, од друга страна, и затоа не претставува билатерално прашање. Меѓу другото, се истакнува дека европскиот консензус се заснова на заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, преговарачката рамка на Република Северна Македонија и заедничките протоколи меѓу Бугарија и Република Северна Македонија за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан на 1 август 2017 година.
Резолуцијата доаѓа во пресрет на гласањето на извештајот за земјава во Европскиот парламент.
Известувачот за С Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во интервју за „360 степени“ емитувано на 29 мај 2025 година рече дека нацрт-документот, таков како што е сега, има неколку референци за признавање на македонскиот јазик и македонскиот идентитет.
„Лично ми е жал што ова е потребно, бидејќи нема сомнеж дека Македонците се Македонци и дека македонскиот јазик е македонски јазик. Лично, не би гледал потреба тоа да се каже. Но, поради некои прашања што беа поставени, особено од бугарската страна, дека македонскиот е независен јазик што се разликува од бугарскиот и дека македонскиот идентитет беше доведен во прашање не само од бугарските соседи, туку и порано од грчките соседи, потребно е да се спомене ова, и тоа е вклучено во нацрт-извештајот“, вели Вајц.
На прашањето дали за ова ќе има мнозинска поддршка во парламентот и дали има притисок од бугарските колеги европратеници, Вајц вели дека очекува мнозинство за конструктивен извештај, бидејќи има големо мнозинство групи во Европскиот парламент што го поддржуваат процесот на пристапување на Северна Македонија. Но, исто така, додаде оти не може да негира дека бугарските членови на парламентот се незадоволни од текстот и тоа јавно го изразуваат во бугарските медиуми.