Сиљановска – Давкова: Ако сме сериозни во врска со мирот, тогаш време е да го довериме кормилото на ОН на жена
Пред триесет години, во Пекинг, нациите од светот дадоа свечена заклетва: да ги унапредат правата на жените како човекови права, да постигнат родова еднаквост и да им дадат моќ на секоја жена и девојка да живеат ослободени од насилство, дискриминација и ограничување, рече претседателката Гордана Сиљановска – Давкова обраќајќи се на состанокот на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција на жените, што се одржува денеска во Њујорк во рамки на 80.сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.
Сиљановска – Давкова, јави известувачот на МИА, додаде дека Пекиншката декларација и Платформата за акција остануваат камен-темелник на меѓународното право, жив доказ дека еднаквоста за жените е и правда и предуслов за мир, просперитет и одржлив развој.
-И сепак, три децении подоцна, мора да признаеме: напредокот е нееднаков, кревок и премногу често реверзибилен. Насилството врз жените и натаму останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а структурните бариери сè уште го негираат лидерството, ресурсите и моќта за донесување одлуки на жените. Тоа не се апстракции, тие нанесуваат рани на семејствата, општествата и генерациите, истакна претседателката Сиљановска – Давкова.
Според неа, во исто време, институцијата создадена да го заштити мирот – Обединетите нации, се соочува со длабока криза.
-Замислена како најголем мировен проект на човештвото, таа сега стои исправена наспроти војните кои што беснеат низ континентите, рече претседателката додавајќи дека 80 години по нејзиното основање, мирот што претставува причината за постоење (raison d’être) на ОН, останува неостварлив.
-Марс сè уште владее кога е време Венера – отелотворена во визијата, сочувството и лидерството на жените – да ја води нашата заедничка иднина. Ако сме сериозни во врска со мирот, тогаш време е да го довериме кормилото на Обединетите нации на жена, потенцира Сиљановска – Давкова.
Таа смета дека жените во светот, заедно со децата, се првите и најголемите жртви на војната. Но, посочи и дека тие се и носители на исцелување, сочувство и надеж.
-Родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку е хуманистички императив. Не бараме услуги, ниту матријархат, туку праведен поредок во кој талентите и креативноста на половина од човештвото се целосно признати заради напредокот на политиката, науката, здравството, образованието и мирот, рече претседателката Сиљановска – Давкова.
Според неа, Пекиншката декларација повикува да се обезбедат еднакви права и еднаков пристап за жените и мажите, девојчињата и момчињата. Тој повик, како што рече, останува итен и денес.
-Само заедно жените и мажите го отелотворуваме човештвото во целина. Мора да собереме храброст, да се осмелиме да го трансформираме овој турбулентен свет и да ја обновиме нашата посветеност на визијата од Пекинг за секоја жена и девојче, како и за ветувањето за поправедна, похумана и помирна иднина, порача претседателката Гордана Сиљановска – Давкова од состанокот по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција на жените.
Како што јави известувачот на МИА, темата на состанокот е „Повторна посветеност, обезбедување ресурси и забрзување на имплементацијата на Пекиншката декларација и Платформата за акција за постигнување родова еднаквост и зајакнување на сите жени и девојчиња“.
На пленарната сесија, која ќе трае во текот на целиот ден, ќе има излагања од претставниците на сите држави членки на ОН и сите членови на специјализираните агенции и меѓувладини организации и ентитети со статус на набљудувачи во Генералното собрание.
Претседателката Сиљановска – Давкова ќе присуствува и на ручекот „Women Rise for All“ приреден од заменик генералната секретарка на ОН, Амина Мохамед.
Се очекува овој настан да ја истакне трансформативната лидерска улога на жените кои ги унапредуваат Целите за одржлив развој (ЦОР) и да ги поврзе влијателните жени лидерки од целиот свет. Настанот обезбедува платформа за размена на идеи, стратегии и зајакнување на мрежите со цел поттикнување на одржливиот развој.
Според агендата, Сиљановска- Давкова денеска ќе присуствува и на приемот во чест на шефовите на делегации од Југоисточна Европа, организиран од Американско – балканската стопанска комора, како и на вечерата на високо ниво во рамки на Годишното заседание на Платформата на жени лидери при ГС на ОН.
Претседателката Сиљановска-Давкова, во рамки на неколкудневната посета на САД, ќе се обрати на генералната дебата и ќе учествува на повеќе самити, лидерски форуми и состаноци на високо ниво што се одржуваат по повод 80. Генерално собрание на ОН.
Сиљановска – Давкова ќе оствари средба со генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, а предвидени се и други билатерални средби со светски лидери.
Темата на годинашната сесија е „Подобро заедно: 80 години и повеќе за мир, развој и човекови права“.
За време на работната посета на САД, претседателката Сиљановска – Давкова ќе престојува и во Детроит.