Сиљановска-Давкова им подари галичка пафта на годинашните младенци на Галичката свадба

Среќен заеднички живот, полн со љубов, разбирање и деца им посака претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на годинашните младенци на Галичката свадба, Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски. Претседателката на нововенчаниот пар му подари галичка пафта со мотив од мијачка носија, карактеристична за селото Галичник.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и годинашните зет и невеста на Галичката свадба / Фото: ПРСМ

Проследувајќи ги свадбарските обичаи на Галичката свадба, Сиљановска-Давкова порача дека преку неа не само што се негуваат македонските обичаи, туку и се промовираат пред светот.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Галичката свадба / Фото: ПРСМ

„Нешто што е дел од нашиот идентитет, нешто што е единствено, нешто што никаде го нема, нешто што нѐ прави посебни треба да се негува. Радосна сум што мнозина млади го прифаќаат и ја продолжуваат оваа традиција“,порача шефицата на државата.

Претседателката додаде дека во Галичник мора да се вложува повеќе, за селото да биде живо во текот на целата година, а не само во деновите околу Галичката свадба.

„Вгнезден во исклучителна природна убавина, со уникатна архитектура и древна историја, Галичник може да биде вистински магнет за сите кои сакаат на момент да избегаат од урбаниот хаос, во потрага по магијата на мирот, спокојот и неповторливата убавина на минатото“,додаде таа.

Галичката свадба децении наназад се одржува под покровителство на претседателот на државата.

Back to top button
Close