Сиљановска-Давкова предлага изградба на хибриден модел на клинички центар на НАТО во Штип
Според неа, овој центар би бил на располагање на македонските граѓани во мирнодопски услови, а во случај на конфликт би служел за потребите на Алијансата
Штип да стане локација за изградба на хибриден модел на клинички центар на НАТО – предлага претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Предлогот таа го даде во денешно обраќање по повод Денот на Армијата, 18 Август, во делот каде што говореше за вложувањата во Армијата и за зголемувањето на трошоците во рамки на НАТО.
Според неа, овој центар би бил на располагање на македонските граѓани во мирнодопски услови, а во случај на конфликт би служел за потребите на Алијансата.
Говорејќи за важноста на самоодржливоста во одбраната, Сиљановска-Давкова истакна дека на самитот на НАТО во Хаг се дефинира потребата од етапно зголемување на трошоците за одбраната, но, според неа, тие не треба да се инвестираат само во опремување на вооружените сили, туку и во инфраструктурата и економијата на државата.
Сиљановска-Давкова рече и дека сите надлежни, но и засегнати институции мора да размислуваат за долгорочни проекти што ќе значат креирање и гарантирање самоодржливост и развој, не само во мир, туку и во амбиент на потенцијална закана и конфликт.
„На пример, зошто да не е можен НАТО клинички центар според врвните стандарди на Алијансата, кој во мирнодопски услови би бил на располагање на македонските граѓани, а во услови на евентуален конфликт би бил медицински центар за потребите на НАТО“рече претседателката.
Според неа, за ваков проект Штип има извонредната стратешка локација, добра инфраструктурна поврзаност, а тука е и државниот универзитет со медицински факултет. Таа вели дека ваков проект би придонел за обнова, заживување и препород, на како што рече, запустената, иселена и раселена источна Македонија.
Претседателката предложи и иницијатива за изградба на НАТО центар за обука на обучувачи на армискиот полигон „Криволак“, за кој рече дека е еден од најдобрите во Европа. Таа нагласи дека припадниците на македонската армија имаат доволно знаење и искуство за да го споделат со НАТО сојузниците.
На денешната свеченост по повод Денот на Армијата, која се одржа во касарната „Јане Сандански“ во Штип, покрај претседателката и министерот за одбрана, присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Построени беа и новопромовираните 26 потпоручници и 149 подофицери кои неодамна ги завршија школувањето и обуката, а претседателката Сињановска-Давкова го одликува Центарот за обука на питомци и офицери со Орден за воени заслуги.