Сиљановска-Давкова во Хаг би се сретнала и со Желјазков ако има таква подготвеност од негова страна, велат од нејзиниот кабинет
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова е подготвена да се сретне со бугарскиот премиер Росен Желјазков на Самитот на НАТО во Хаг ако има таква подготвеност и од другата страна.

Ова денеска го соопштиле од кабинетот на претседателката на државата во одговорот на прашање на ТВ Телма дали таа би прифатила разговори на ниво претседател – премиер, откако од официјална Софија стигна информација дека Бугарија решила на Самитот во Хаг да ја претставува премиерот на земјата, Желјазков.
Од кабинетот на Сиљановска-Давкова одговориле потврдно на прашањето, наведувајќи дека претседателката е подготвена за средба со сите и во секоја прилика за да ги изложи македонските аргументи.
„Ако има подготвеност од Желјазков, претседателката ќе се сретне и со него и со секого, за да ги изложи македонските аргументи. Ова е принципиелна позиција што важи за Хаг“,навеле од кабинетот на претседателката за ТВ Телма.
На иста линија е и премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска изјави дека ако има каква било иницијатива за средба меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и бугарскиот премиер Росен Желјазков на претстојниот Самит на НАТО во Хаг, тоа треба да се прифати.
Притоа Мицкоски посочи дека тој нема да ја претставува земјата на истиот самит, затоа што, според ротацијата, сега на ред е претседателката, откако тој присуствуваше на последниот Самит на НАТО во Вашингтон, лани.
Тој додаде дека ќе побара состанок со претседателката Сиљановска-Давкова, со цел со неа да разговара на оваа тема.
„Ако има каква било иницијатива за средба на ниво претседател–премиер тоа треба да се прифати без разлика што јас нема да бидам таму, тоа е мојот став и убеден сум дека тоа ќе биде став и на претседателката. Мора да бидеме проактивни и да покажеме дека не е тоа тоа што се зборува, да покажеме дека неколку стотини наши граѓани, кои за себе велат дека бугарскиот им е мајчин јазик, дека тоа не е проблемот, туку има многу поголем проблем, тоа е политика стара децении, тоа е стратегија која се пишувала, говорела, внимателно се создавала и без квинслинзи овде кај нас, не можела да се спроведе. За жал такви имаше во минатата влада“,изјави тој.
Мицкоски напомена дека иницијативата за средбата на маргините на Самитот пристигнала од претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта, како и дека македонската страна веднаш ја прифатила.
Тој вчера, коментирајќи ја состојбата со соседна Бугарија рече дека суштината на проблемот не е само во додавањето на Бугарите во Уставот, туку во „обид на еден инженеринг да се создаде нова македонска нација, која е резултат на одлука на Коминтерната по ’45-та година од минатиот век и дека таа нова македонска нација користи нов македонски јазик, кој станува службен во ОН, како дел од југословенската федерација во ’45-та година и дека почива на бугарски корени“.

Според него, секој што не гледа дека ова е суштината на проблемот е „политички аналфабет или не треба да се занимава со политика“.
Директно го обвини поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи дека со поддршката на францускиот предлог му нанел „нож во грбот“ на македонскиот идентитет, нешто што додаде дека нема да му биде заборавено.
Инаку, Мицкоски кон крајот на минатиот месец соопшти дека на средбата во Скопје со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, разговарале и за евентуалната билатерална средба со бугарската страна, нејзиниот формат, кој би можел да присуствува и каде би можела да се одржи.
Тогаш беше посочен претстојниот Самит на НАТО во Хаг како добра можност за средбата, на која би присуствувале претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас, а составот беше проширен и со можноста за присуство на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.