Сиљановска доби честитка од Кралот Чарлс Трети: Уверен сум дека за време на мандатот ќе се справите со големите предизвици

Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се сретна со британскиот амбасадор Метју Лосон кој и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата.

Како што соопштија од кабинетот на Сиљановска Давкова, на средбата се разговарало за билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката истакнала дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата.

Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес. Таа истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит, се вели во соопштението.

Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.

„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат”, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.

Back to top button
Close