Сиљановска на прием организиран од кралот на Данска

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера присуствувала на прием организиран од кралот на Данска, Фредерик Десетти и кралицата Мери Елизабет, во пресрет на седмиот состанок на Европската политичка заедница во Копенхаген, каде што шефицата на државата ќе земе свое учество.

На приемот, како што пишува Сиљановска-Давкова во објава на Фејсбук, имала можност да поразговара со францускиот претседател Емануел Макрон, со бугарскиот премиер Росен Жељазков, со британскиот премиер Кир Стармер, со претседателот на Литванија и со премиерите на Финска и на Малта, за што изрази задоволство.

„Ветувачки почеток во пријателска атмосфера и плоден разговор пред утрешните дискусии на коишто ќе ги претставам македонските позиции, согласно со нашите национални интереси“, напиша претседателката Сиљановска на социјалните мрежи.

Сиљановска-Давкова ќе учествува на седмиот состанок на Европската политичка заедница каде што ќе се обрати на панел-дискусијата „Безбедност и отпорност – традиционални и нови закани“, со која ќе претседаваат францускиот претседател Емануел Макрон и албанскиот премиер Еди Рама.

„Потребна ни е политика како уметност на можното, наместо политиката што ја живееме во која прашањето е кој, кога и како победува“, изјави македонската претседателка при пристигнувањето на состанокот на Европската политичка заедница во Копенхаген.

„ Ни треба повеќе кантијанизам, наместо макијавелизам“, додаде Сиљановска-Давкова.

Според најавите, на собирот главни теми ќе бидат поддршката за Украина и општата безбедносна ситуација во Европа.

На состанокот во Копенхаген се поканети 47 шефови на држави и влади. Клучни теми ќе бидат војната во Украина и потребните чекори за посилна и побезбедна Европа во амбиент на конфликтна геополитичка ситуација.

Back to top button
Close