Сиљановска откако ја прозва Николовски: Безбедносниот систем не е арена за партиски препукувања и агентури
Безбедносниот систем не е арена за партиски препукувања ниту за партиски агентури, тоа се строго професионални институции, посебни органи на државната власт каде што апсолутно е забрането политичко или партиско здружување и дејствување. Ова е одговорот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова за „Слободен печат“ откако потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски ја прозва да реагира за злоупотребите во Агенцијата за разузнавање (АР). Таа не се осврнува конкретно на злоупотребите во АР, која е под нејзина надлежност, но ова е прв нејзин став откако излезе аферата за следење на политичари, новинари и бизнисмени.
– Она што можам да го гарантирам како претседател на држава е дека во ниту еден момент нема да дозволам да се поткопаат темелите на внатрешната и надворешната безбедност на Македонија, затоа што довербата во безбедносниот систем е темел на секоја држава – вели Сиљановска за „Слободен печат“.
Таа вели дека како претседателка на државата будно ја следи, како што ја нарекува, „аферата за незаконското прислушување и следење од страна на група вработени во АНБ на личности од опозицијата, премиерот и неговото семејство, други политичари, обвинители, новинари, бизнисмени, во периодот од 2019 година до 2024 година, во дел со предлог за користење на посебни истражни мерки и веројатно со сериозни обвинувања за основано сомневање за тешки кривични дела“.
– Собраниска комисија за надзор над работата на АНБ и АР врши увид во просториите на овие органи, а за тоа е известено и Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ЈОГОКК), коешто веќе отворило предистражна постапка. Она што е важно да се потенцира е дека секое незаконско следење или прислушување претставува тешко кривично дело и напад врз демократијата. Затоа, најважно е институциите и органите на прогонот независно и професионално да ја истераат истрагата до крај. Се работи за многу чувствителна материја – тоа се класифицирани информации и каква било нивна компромитација спротивно на Законот за класифицирани информации би наштетила на текот на истрагата и би предизвикала директно попречување на органите што постапуваат – вели претседателката.
Повикува на политичка зрелост, на сериозен и професионален пристап на институциите и органите што постапуваат, пред сè, на ЈОГОКК, да си ја завршат својата работа.
– Само преку институционален пристап и одговор можеме да стигнеме до вистината и до одговорност од сите инволвирани. Никој, ниту во Агенцијата за разузнавање, ниту во Агенцијата за национална безбедност, ниту во кој било друг орган, нема право да ја злоупотребува државата за лични или партиски цели – додава таа.
Агенцијата за разузнавање е една од институциите под надлежност на Сиљановска, каде, според власта, имало злоупотреби. Сепак аферата потекна од АНБ и за власта е скандал за кој зборуваше уште додека беше во опозиција. Сега информациите на АНБ ги гледаат како потврда дека се следел премиерот Христијан Мицкоски и неговото семејство и други функционери на партијата.