Сијарто од Самитот на ОБСЕ: Жалиме за испуштената шанса за средба меѓу Блинкен и Лавров во Скопје

 

Наместо натамошно оддалечување меѓу Истокот и Западот и на нивните економии, да се даде шанса на враќање на цивилизираната соработка или барем на дијалогот, беше главната порака на шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто во неговото обраќање на 30. Министерски совет на ОБСЕ во Скопје.

Тој посочи дека како земја учесничка на ОБСЕ се надевале дека Министерскиот состанок ќе биде можност за директна средба и комуникација меѓу претставници на Русија и Соединетите Американски Држави (Сергеј Лавров и Ентони Блинкен) и изрази жалење што тоа не се случило.

Сијарто притоа му се обрати на својот македонски колега и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, на кого му се заблагодари за сите напори, посочувајќи оти не е негова вина што не дошло до таква средба.

„Навистина се надевавме дека овде, во прекрасниот град Скопје, ќе можеме да го искористиме истовременото присуство на колегите од Русија и Соединетите Држави. И покрај тоа што се многу важни луѓе, многу важни личности, со многу набиена агенда, но навистина се надевавме на директна комуникација меѓу нив. И со жалење гледаме дека тоа не се случи. Иако верувам дека таква комуникација, таков директен контакт ќе биде од корист за сите нас, за цела Европа и за мирољубивите луѓе. Затоа, драг Бујар, би сакал да ти заблагодарам за сите напори што ги направи и не е твоја вина што не се случи“, рече Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија истакна дека не сакаат повторно да бидат губитници како во времето кога светот беше поделен на блокови. Наспроти повторна поделба на светот на блокови, тој рече оти како земја сакаат да видат глобална соработка.

„Ние Унгарците страдавме под комунистичка диктатура 40 години во свет кој беше поделен на блокови. Трпевме опресија од Истокот и бевме игнорирани од Западот и бевме губитници во светот поделен на блокови. Не сакаме повторно да бидеме во период од историјата во кој повторно ќе бидеме губитници. Така што, ве молам немојте да го делите светот на блокови повторно. Наместо блокови би сакале да видиме глобална соработка, сакаме да видиме поврзаност и сакаме да видиме враќање на заемната почит во меѓународниот политички живот. Сакаме да видиме цивилизирана соработка меѓу Истокот и Западот од која може да имаме голем бенефит“, рече Сијарто.
Во таа насока, рече тој, може да се искористи ОБСЕ.

„Се надеваме дека може да го искористиме постоењето на ОБСЕ како платформа за дијалог меѓу Истокот и Западот. Која би била другата причина за постоењето на ОБСЕ ако не за дијалог меѓу колегите од Истокот и Западот“,
кажа министерот за надворешни работи на Унгарија.

Говорејќи за војната во Украина, Сијарто рече дека единственото решение за кои се залагаат е постигнување мир.

„Јас претставувам нација чии членови умираат во оваа војна. Постои значителна заедница на Унгарци кои живеат во Украина, околу 150 000 и бидејќи се граѓани на Украина, тие се мобилизирани во украинската армија, голем дел од нив се распоредени на фронтовските линии и голем дел од нив, за жал, се загинати. Не сакаме веќе да умираат Унгарци, но и генерално кажано, не сакаме луѓе да умираат во нашето соседство. Затоа го гледаме мирот како единствено решение и единствен начин да се спасат животите на многу луѓе и натамошно уништување“, рече тој.

Случувањата на бојното поле, испораките на оружје, посочи тој, не помагаат во постигнувањето мир, туку само ја влошуваат ситуацијата.

„Ако ја погледнеме последната година и половина, повеќе од очигледно е дека оние што се преправаат дека постои решение на бојното поле, не се во право. Не постои решение на бојното поле. На него има мртви луѓе и разрушување. Не се во право и оние што велат дека развојот на настаните на бојното поле ќе ги унапредат шансите за мир. Ова исто така не е точно. Секој нов ден од војната ги прави шансите за мир сè помали и помали. Испораката на оружје исто така не помага. Испораките на оружје ја пролонгираат војната, а во регионот не ни е потребна војна, не ни е потребно оружје, туку она што ни е потребно е мир. И во оваа насока сакам да истакнам дека чувањето отворени канали на комуникација е од витално значење. Затоа што ако ги блокираме каналите за комуникација, со тоа практично се откажуваме од надежите за мир. А ние не сакаме да се откажеме од надежите за мир“, рече Сијарто во своето обраќање.

Back to top button
Close