Сијарто: Украинците би можеле да стојат зад обидот за дигање во воздух на гасоводот во Србија

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, изјави дека Украинците би можеле да стојат зад обидот за дигање во воздух на гасоводот „Турски тек“ на територијата на Србија. Сијарто ги изнесе овие тврдења по седницата на Унгарскиот совет за одбрана.
Сијарто рече дека „оневозможениот терористички напад во Војводина се вклопува во шемата на украинските дејствија“.
Според него, Украинците претходно го дигнале во воздух гасоводот „Северен тек“, го блокирале нафтоводот „Дружба“, со што ги запреле испораките на нафта за Унгарија и Словачка, а во последните недели го нападнале гасоводот „Турски тек“ на руска територија со десетици дронови.
– Тие сакале да го дигнат во воздух „Турски тек“, рече Сијарто, нарекувајќи го тоа „многу груб напад врз суверенитетот на Унгарија и Србија“.
Сепак, тој појасни дека не тврди директно дека Украинците ги поставиле експлозивите, туку дека чинот се вклопува во низа дејствија со кои Украина сака да ги наруши руските испораки на гас и нафта.
Сијарто најави дека унгарскиот дел од гасоводот „Турски тек“, кој ја снабдува земјата со природен гас, ќе биде ставен под воена заштита.
Армијата ќе го штити гасоводот на целиот дел од српско-унгарската до словачко-унгарската граница, оправдувајќи ја оваа мерка со фактот дека нападите стануваат сè почести.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека се пронајдени два големи пакета со експлозиви во близина на клучната гасна инфраструктура во областа на општината Кањижа во северна Војводина, посочувајќи дека српската армија денеска успеала да спречи акција против виталните интереси на земјата.
– Пронајдоа два ранца, два големи пакета со експлозиви со фитили. Имаме и некои други индиции. Разговарав со унгарскиот претседател Виктор Орбан за оваа вест, бидејќи ако имаше прекин на гасот, Унгарија и северна Србија немаше да имаат гас, изјави Вучиќ.
Според него, пронајдениот експлозив бил со разорна моќ што можел да предизвика голема штета






