Си-Ен-Ен: Инаугурацијата на Трамп најверојатно ќе се одржи во затворен простор поради ниските температури
Инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп се очекува да биде преместена во затворен простор в понеделник, поради екстремно ниските температури најавени за Вашингтон, изјавија за Си-Ен-Ен повеќе извори запознати со плановите за организација.
Трамп и новоизбраниот потпретседател Џеј Ди Венс треба да положат заклетва внатре во Капитол, рекоа извори. Разговорите за тоа каде ќе се одржи инаугуративната парада и другите прослави се уште траат. Сепак, тимот на Трамп е во преговори за можноста некои од настаните да се одржат во арената „Капитол уан“, каде што Трамп ќе одржи митинг в недела.
Тимот на Трамп, исто така, преговара со Заедничкиот конгресен комитет за инаугуративни церемонии за тоа како да се справи со десетици илјади луѓе кои планираа да патуваат во Националниот плоштад за да присуствуваат на инаугурацијата на Трамп.
Тие одлуки се уште се разгледуваат, изјавија извори за Си-Ен-Ен.
Надлежните се загрижени поради ниските температури што можат да претставуваат ризик по здравјето на присутните и гостите.
Последниот претседател што положи заклетва во затворен простор беше Роналд Реган во 1985 година, поради ниските температури. Реган положи заклетва во ротондата на Капитол, а инаугуративната парада беше откажана.