Си-Ен-Ен: Трамп и Путин ќе се сретнат во воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон во Енкориџ

Средбата меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин, ќе се одржи во американската воздухопловна база Елмендорф-Ричардсон во Алјаска, јавува Си-Ен-Ен, повикувајќи се на информирани извори.

„Организаторите заклучија дека единствениот град во огромната држава што може да биде соодветна локација за самитот е Енкориџ. И само воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон, која се наоѓа на северниот дел од градот ги исполни условите да биде домаќин на историскиот состанок“, објави Си-Ен-Ен.

Соговорниците на американската телевизија разјаснија дека Белата куќа се надеваше дека ќе ја избегне ситуацијата во која рускиот претседател и неговата придружба ќе бидат примени во американски воен објект, но Алјаска во моментов е на врвот на туристичката сезона, па затоа не е пронајдена друга соодветна локација за самитот.

Белата куќа синоќа објави дека средбата меѓу претседателот Трамп, и претседателот Путин, ќе се одржи во петок во Енкориџ, Алјаска.Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, на прес-конференција објави дека претседателот Трамп во петок наутро ќе отпатува за Енкориџ, на билатералната средба со рускиот претседател.

Ливит додаде дека „не сака да поставува црвени линии“ за Трамп во контекст на преговорите и додаде дека Трамп ги повика Украина и Русија директно да се ангажираат едни со други кога станува збор за хуманитарни прашања.Таа изјави дека средбата меѓу Трамп и Путин ќе биде „вежба за слушање за американскиот претседател“.

-Само едната страна вклучена во оваа војна ќе биде присутна, па ова е можност претседателот да добие подлабок и подобар увид во тоа како, се надеваме, можеме да ја завршиме оваа војна. Тоа ќе биде вежба за слушање за претседателот, рече Ливит.

Таа навести дека има планови Трамп да ја посети Русија во иднина.

Трамп претходно изјави дека двете завојувани страни ќе мора да отстапат дел од територијата за да се стави крај на крвавиот конфликт што трае повеќе од три години.

Back to top button
Close