Сикорски: Тајмингот со експлозивот кај „Турски тек“ е сомнително погоден за Орбан

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски го доведе во прашање тајмингот на одлуката на унгарскиот премиер Виктор Орбан за свикување на Советот за безбедност, откако српските власти соопштија дека е пронајден експлозив во близина на гасовод што ја снабдува Унгарија, јави Анадолија.
„Сомнително погоден тајминг“, напиша Сикорски на социјалната мрежа „Икс“, алудирајќи на инцидентот што се случува пред парламентарните избори во Унгарија закажани за 12 април, на кои владејачката партија „Фидес“ на Орбан се соочува со најголемиот предизвик во последните години.
Орбан вчера изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ го информирал за пронајден експлозив во близина на гасоводот „Турски тек“ во северна Србија, близу унгарската граница. Потоа тој свика итен состанок на унгарскиот Совет за одбрана, опишувајќи го настанот како можен чин на саботажа.
Иако унгарската влада директно не ја обвини Украина, Орбан и министерот за надворешни работи, Петер Сијарто, сугерираа дека Киев можеби е вмешан, поврзувајќи ја наводната завера со претходните спорови околу транзитот на руска нафта и гас преку украинска територија.
Официјална Варшава реагираше скептично. Изјавата на Сикорски ја одразува пошироката загриженост на полските власти дека инцидентот може политички да му користи на Орбан во пресрет на изборите, особено по серијата судири меѓу двете влади околу блиските врски на Будимпешта со Москва. Полскиот премиер Доналд Туск минатата недела ја обвини владата на Орбан за политичка зависност од Русија, опишувајќи ги нивните односи како „одбивни“.
Високи полски претставници повеќепати предупредија дека Русија може да се обиде да ги искористи безбедносните стравови и кампањите за дезинформации во Централна Европа. Вицепремиерот и министер за дигитални работи, Кшиштоф Гавковски, претходно ја обвини Москва за обиди за мешање во изборите и дестабилизација на соседните земји преку хибридни операции.
Инцидентот дополнително го нагласува растечкиот јаз меѓу Варшава и Будимпешта. Додека Полска е меѓу најсилните поддржувачи на Киев, Унгарија одржува блиски односи со Кремљ и често ги блокира мерките на ЕУ за поддршка на Украина, пишува Анадолија.
Унгарскиот опозициски лидер Петер Маѓар, исто така, изрази сомнеж за автентичноста на настанот, тврдејќи дека случајот може да биде инсценирана операција со „лажно знаме“ за ширење страв пред изборите.
Украина негираше каква било вмешаност и сугерираше дека епизодата е организирана од Русија со цел влијание врз изборниот процес во Унгарија.





