Силјановска-Давкова: Да се преиспита кому и зошто се доделуваат концесии за телевизија

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова во интервју за Јавниот сервис зборуваше за улогата на телевизиите и програмите што ги нудат на гледачите, нагласувајќи дека потребна е посериозна државна стратегија во оваа област.

„Телевизиите со националните концесии не продуцираат сопствена програма од областа на културата, од областа на науката. Може би во таа насока треба малку по-сериозна државна стратегија,“ рече Силјановска-Давкова, потсетувајќи на искуството со образовни, научни и документарни програми, особено културните.

 

 

Таа се осврна и на начинот на кој телевизиите ги селектираат вестите. „Кога сакам понекогаш да ги изнервирам вашите колеги, им велам, зошто не пробате прво со вести од културата, па продолжете со спортот, па на крајот оставете ја политиката. Се смејат. Велат, не врви тоа, не е конкурентно, не поминува,“ изјави таа.

 

Според претседателката, важно е да се преиспита кому и зошто се доделуваат концесии и каква програма се утврдува. „Има нешто по телевизиите, по медиумите, што само течат. Ниту учат, ниту одучуваат, нервираат или стимулираат омраза. За мене тоа не е добро,“ истакна таа.

 

Силјановска-Давкова потсети на улогата на јавниот сервис во минатото, Македонската телевизија, која, како што рече, била најгледана токму меѓу младите. „Никој, како неја, не умееше да ги научи децата на буквите, никој на еден толку достапен, занимлив и креативен начин. Никој не можеше такви документарни емисии да презентира, вестите беа совршени,“ изјави таа, нагласувајќи дека Македонија има извонредна историја и научени лекции.

Во однос на иднината, таа смета дека „вистинските луѓе треба да се најдат на вистински места,“ особено кога станува збор за културните содржини. „Оние кои знаат што е уметност, кои живеат со уметноста и за уметноста, да ја презентираат уметноста,“ порача Силјановска-Давкова.

Таа зборуваше и за документарните емисии, дијалозите и промоцијата на млади автори, потенцирајќи дека „најдобровложените пари, инвестиции, знаење, љубов, се во уметноста и во културата. Тие остануваат трајно добро.“

Претседателката укажа дека говорот на омраза е сериозен проблем за медиумите и општеството. „Во многу држави се санкционира и треба да се санкционира, говорот на омраза, на вредите, примитивизмот, просто тие имаат негативно влијание, не само врз воспитувањето на младите, на децата, на нашата иднина, туку негативно влијаат и на нашето здравје во секој поглед,“ предупреди таа.

На крај, Силјановска-Давкова истакна дека е неопходно да се вложува во културата, бидејќи таа останува како трајна вредност и потсетник за генерациите. „Имаме искуство, имаме талент, имаме историја. Наше е само да ја промовираме вредноста од нашето сочувување,“ заклучи претседателката.

Back to top button
Close