Силјановска-Давкова ќе почитува, но нема да употребува Северна, за Пендаровски тоа е невозможно во меѓународните институции

Ќе го почитувам, но нема да го употребувам – рече кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова за тоа каков ќе биде нејзиниот став кон уставното име Северна Македонија како иден шеф на државата. Во дебатата со противкандидатот Стево Пендаровски кажа дека ќе употребува Македонија и дека на тој начин не прави конфузија.

– Кога кажав дека нема употребувам Северна не мислев дека ќе ги тргам таблите пред институциите и пред меѓународните конференции или во билатералните средби итн. Далеку од тоа. Јас говорам за себе. Правото на самоопределување е и лично право и никој не може да ви нареди да употребувате нешто што не ви го прифаќа умот и срцето. Ќе го почитувам, но нема да го употребувам Северна, ќе употребувам Македонија и никогаш нема да создадам конфузија бидејќи нема да треба да правам дистинкција меѓу Република јужна Македонија. Таква нема. Значи, кога ќе зборувам, јас ќе си зборувам Македонија, македонски, македонско – Северна Македонија нека стои пред мене…меѓутоа јас кажувам за мене, тоа прашање нема да биде никогаш затворено, рече Силјановска-Давкова во вечерашниот дуел на ТВ Телма.

Пендаровски, пак, ѝ реплицираше дека е невозможно да не го употребува уставното име од говорницата во Обединетите нации, во ЕУ, НАТО и други меѓународни институции и дека тоа ќе доведе до исфрлање на државава од Алијансата.

-Кога сте претседател, вие имате право на личен став, да кажувате „вечна Македонија“, „Македонија засекогаш“, каква сакате Македонија кога ќе бидете во приватно својство, во семејството. Невозможно е да бидете на говорница во ОН, да бидете во НАТО, бидејќи сме членка таму, да одите во ЕУ, бидејќи сме кандидат кој преговара, да бидете во Совет на Европа, било каде, значи вие како експерт можете што сакате вербално да кажете. Не можете, нема да ви дозволат, Грција ќе прати прво нота, било кој друг некој ќе прати нота. Тоа значи блокада и таму и исфрлање од НАТО како организација, каде што одвај влеговме и кој ни е многу значаен. Впрочем, и противкандидатката тоа го пишува во нејзината програма, рече Пендаровски.

Кандидатите за претседател ги кажаа различните ставови и за уставните измени и за тоа дали преговорите со ЕУ се почнати или не. Според Пендаровски тие почнале со одржувањето на првата меѓувладина конференција и рече дека не оди едно без друго Преговарачката рамка и промената на Уставот.

-Највисокиот политички орган во Европската Унија, Советот на ЕУ, вели дека ова е политичкиот предуслов – промената на Устав, а рамката е понатаму по што вие ќе одите конкретно кластер по кластер. Значи, не може да стои тезата – ние не сме против европската Преговарачка рамка ама сме против промената на Уставот, истакна Пендаровски.

Силјановска-Давкова, пак, го праша Пендаровски како може да ветува промена на Уставот кога тоа не е негова надлежност туку него може да го сменат само гласовите на пратениците во Собранието и, како што рече, „како никој не се сетил да им каже на оние од Советот и од Европската комисија и сите останати дека со тоа се рушат темелните вредности на ЕУ“.

На прашањето која би била нејзината порака при прва средба со претседателот на Бугарија и со претставниците на Унијата, одговори дека ќе го потсети на Преамбулата на Договорот за пријателство и добрососедство, дека секој договор не е вечен и може да се смени и дека во Договорот „нема ниту еден збор за уставните измени“.

-Суштината е да ги заштитите правата на малцинствата. Кај нас се заштитени. Во Бугарија нема никаква заштита бидејќи нема ниту еден член, а Бугарија е потписник и на Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата и на Конвенцијата за регионални и малцински јазици, но не ја ратификувала. Значи, има контрадикција меѓу Договорот за пријателство кое е дел од Преговарачката рамка, додаде Силјановска-Давкова.

Пендаровски во врска со внесувањето на Бугарите во Уставот посочи дека е услов што треба да се помине за да продолжат преговорите кои, рече се блокирани поради ставот на ВМРО-ДПМНЕ.

-Тврдам дека овој услов не ја растура, не ја ништи Република Македонија, како што не ги ништи Македонците кои зборуваат македонски јазик, значи целокупниот наш македонски код е зачуван… Од мноштвото бугарски барања кои атакуваа директно на македонскиот идентитет од пред три години и во писмена форма испратени до највисоките претставници во Брисел преку нивниот амбасадор, ние дојдовме само до ова последново барање, Бугарите во Уставот, што е огромен чекор напред, бидејќи сите други атаци беа од Бугарија кон нашиот идентитет како Македонци кои зборуваат македонски јазик и беше одбиено и од Европа не само од нас. Значи, тоа е барањето во овој момент од Европа, нагласи Пендаровски во телевизискиот дуел на ТВ Телма.

Back to top button
Close