Силјановска до Заев: Пауновски не ви е подреден, тој не прекрши закон, туку вие го прекршивте Уставот

 

Силјановска настапи со став дека Владата ги прекршила законите и Уставот и со законот со кој се прераспределуваат рамковно вработените и со разрешувањето на Пауновски, бидејќи Уставот гарантира дека стручноста и компетентноста се основа за вработување

Премиерот Заев вели дека не му пречи пркосот, но инаетењето на Пауновски преку медиумите било очигледно, а каков однос имал довчерашниот директор, според премиерот, покажуваат и неговите коментари по разрешувањето

Пратеничката Гордана Силјановска-Давкова на денешната собраниска седница за пратенички прашања ја нападна Владата дека незаконски го разрешила директорот на државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Стојко Пауновски, затоа што одбил да ги прими 35 рамковно распоредени, кои треба да ги преземе од Министерството за политички систем и односи меѓу заедници.

„Не ме шокира што ве поддржаа Николовски и Артан Груби, но ме шокира консензусот со кој ја донесовте оваа одлука. Точно е дека директорот на ДПИ е именуван од Владата, но апсолутно тој не е подреден на премиерот, ниту на министрите. Нема никаква хиерархија меѓу државна и јавна администрација и политика, тој стои на чело на една институција која функционира само исклучиво на начелото на стручност и компетентност. Шокантно е 90 отсто од вработените да застанат зад вас (Пауновски), а сите министри да не ве поддржуваат. Чувме дека причина за заминувањето бил пркосот. Фантастично. Тоа е една од најдобрите човечки особини. Пауновски пркоси на кршењето на правото и Уставот, на неморалот затоа што знае дека без етика, морал и владеење на правото не може да има ефикасна пазарна инспекција“, рече Силјановска.

Правична и соодветна застапеност, порача таа, не смее да значи клиентелизам.

Во дискусијата на тема „Пауновски“, Заев возврати дека Владата има надлежност да го разреши директорот согласно Законот за државен пазарен инспекторат, како и дека Пауновски не го почитувал Законот за распределба на рамковно вработените и го прекршил етичкиот кодекс на Владата.

„Распоредувањето на рамковно вработените не е желба на поединци, станува збор за законско решение утврдено од парламентот и согласно законот над 1 300 лица треба да бидат распоредени во 237 институции. Не станува збор за нови вработувања, туку за решение за работен ангажман на лица кои со години седеа дома и земаат плата“, рече Заев.

За жал, рече премиерот, Пауновски одбил да го спроведе.

„Тој дури одби и да разговара за ова прашање и да учествува во изнаоѓање решение. Сметам дека тоа не е одлика на добар директор, затоа што добар директор треба да биде отворен, да разговара, а не да се инаети преку медиуми“, рече Заев.

Тој вели и дека не му пречел пркосот, туку инаетењето, а го нападна Пауновски и за коментарите што ги даде синоќа по разрешувањето.

„Жалам за коментарите дека ми пречел пркосот. Тоа е вредност кога доаѓа од институција, но инаетењето, неспроведувањето на законот и она што претставува етичка поставеност, е навистина повеќе од јасно. Дури и по разрешувањето неговите коментари кажуваат каков е неговиот однос“, рече Заев.

Зборувајќи и читајќи делови од етичкиот кодекс, премиерот рече дека Пауновски може слободно и отворено да ги изразува своите ставови и да учествува во креирањето на политиките, но неговите јавни настапи морале да бидат согласно кодексот.

Силјановска, пак, му возврати да не го споменува кодексот бидејќи ГРЕКО ѝ укажал на Владата за слабостите на тој документ, а во репликата потенцираше дека Заев и министрите во Владата го прекршиле Уставот.

„Да се разбереме, сите вие го прекршивте кодексот, а не ауновски. Вие го прекршивте Уставот кој вели дека стручноста и компетентноста се основа за вработување, вие не го почитувате Законот за државни и јавни службеници. И морам да ви кажам дека законот за распределба на рамковно вработените од прв до последен член е неуставен и тој е креација на еден човек“, рече Силјановска.

Back to top button
Close