Силјановска: Државата има Антикорупциска комисија – Вицепремиер за борба со корупција е незамислив,

Новата пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ посочи и дека е против вечното менување на функции, на пример од градоначалник во министер и нагласи дека е опасно за демократските процеси една личност подолго време да биде на чело на МО или на МВР

Меѓу кандидатите за министри има и експертски профили, но владата е машка, има малку жени, што изненадува, со оглед на толку феминистки што маршираа за женски права, оцени Гордана Силјановска Давкова, новата пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, во денешната дискусија на собраниската седница за избор на кабинетот на Зоран Заев.

Таа, исто така, посочи дека е против вечното менување на функции – од градоначалник до министер, од пратеник во градоначалник… Нагласи и дека е опасно за демократските процеси една личност подолго време да биде на чело на Министерството за одбрана или на МВР. Нагласи и дека, во суштинха, не постои Министерство за политички систем и дека функцијата вицепремиер за спречување корупција е несоодветна, затоа што, како што рече, секој министер е потенцијален клиент на антикорупционерите.

Силјаноска, како професорка по уставно право, посочи дека фалинка во македонскиот систем е тоа што не се внимава многу на компатибилноста на министрите со ресорот.

„Посебно во услови на вакви кризи, нам ни треба експертска влада. Всушност, политичка влада, со експертски перформанси. Гледам во програмата за уставни измени, кои би биле пожелни за да се уреди прнципот на поделба на власта. Вака немаме поделба на власта. Не му се остава простор на мандатарот да состави тим по своја желба, односно не може да разреши министер, ако тој има влијание во партијата, односно ако разрешувањето не го одобри парламентот. Правниот костур на државата мора да се преиспита. Доста се занимаваме со етнички прашања, дај да почнеме да се занимаваме со институционални прашања за јакнење на демократијата“,рече Силјановска.

Таа посочи и на „теоријата на мандатот“, што значи дека носителот на власта треба да го исполни она што го ветил, а ако не – да си поднесе оставка.

„Правам споредба меѓу програмите од 2017 и 2020 година. Тогаш понудивте една програма, а друго правевте: го сменивте името, го напуштивте прогресивниот даник… Затоа, Левица освои поени на овие избори. Затоа што остана голем простор, има многу осиромашени луѓе кои не препознаваат во социјалдемократите некој кој ги застапува нивните интереси“ ,рече Силјановска.

Таа порача дека ветингот треба да почне од власта, па да продолжи во администрацијата, а потоа и во правосудството, посочувајќи дека е многу важно тоа да го прави исклучиво независно тело.

Back to top button
Close