Силата на вредностите и вредноста на силата

Денко Малески

Пиејќи го утринското кафе, внимание ми привлече насловот на еден текст во денешен лондонски „Гардијан“ – Фон дер Лајен повикува надворешната политика на ЕУ да биде „пореалистичка и повеќе раководена од интереси“. Во поднасловот стои дека претседателката на европската комисија вели дека, за заштита на интересите на континентот, не можеме да се потпираме врз системот базиран врз правила и дека ЕУ „не може повеќе да биде чуварот на стариот светски поредок“.

Како европските политичари конечно да се соочуваат со реалностите на светската политика и како да почнуваат да ја разбираат вредноста на силата а не само силата на вредностите.

И како и секогаш, мислите ми одат кон нашата држава. Се прашувам, кога македонските политичари ќе се соочат со истите реалности и ќе престанат со безуспешните обиди да ја „засрамат“ ЕУ која, ете, спротивно на прокламираните принципи, ја дискриминира Македонија. Вадејќи ги ракавиците, како што тоа го направи Трамп, ЕУ, конечно, ќе може да ја каже вистината. Дека нејзината политика (не секогаш) се базира врз правила и принципи и дека (не секогаш) се смета себеси за чувар на таквиот светски поредок кој го напушти и Америка, „Светилникот на демократијата“. Што правиме тогаш? Некако полесно е да го „срамиме“ Брисел кога со надворешната политика на сојузот владее логиката на комесарката за безбедност и надворешна политика Каја Калас која ќе го достигне врвот на идеализмот, ама и на глупоста, со изјавата дека не разбира зошто мора да се прави компромис со Русија кога Русија е агресорот а Украина жртвата.

Не знам точно во кој момент македонската надворешна политика го пригрли овој ист нормативен наратив, но, на почетокот на независноста, владееше реализмот кој најдобро го изрази првиот претседател Киро Глиговор во само една реченица.Свесен за реалноста дека појавата на своите граници на незвисна држава со името „Македонија“, Грција ќе го прогласи за егзистенционална закана, Глигоров го предвиде нејзиното поведение. „Сега“, ми рече во еден разговор, “Грција ќе не дави како змија жаба“. Перфектна македонска дефиниција на теоријата на реализмот. Претседателот Глигоров ги разбираше тие реалности. Не зборуваше ниту еден светски јазик, но неговиот разум и мудрост кои произлегуваа од огромно политичко искуство го правеа рамнопревн ако не и доминантен во дијалогот со државниците од светот. Тоа, со змијата и жабата, се случуваше цели 25 години токму во ерата на целосната доминација, како мислевме, на принципите на либералната демократија и на правдата.

Воопшто не сум убеден дека бргу ќе се одвива овој процес на трансформација на политиката на ЕУ. Сегашните политичари премногу инвестираа во идеализмот и во своите политики кариери за да можат сето кажано да го порекнат. Парадокасално, исти се причините што не верувам ниту во промената на македонската надворешна политика која, особено во последно време, го усоврши методот на лесно владеење како комбинација на национализмот со нормативниот поглед на светската политика. И што се случува тогаш? Реалноста ви се треска од главата и така доаѓа до освестување.

 

 

Back to top button
Close