„Силувана е процедурата“: Калајџиев го оспорува постапувањето на обвинителството во случајот со мазутот

Професорот по право Гордан Калајџиев остро реагира за постапувањето во случајот со мазутот, оценувајќи дека во предметот е „силувана процедурата“ и дека, според него, веќе не станува збор само за процедурални грешки, туку за директно мешање на извршната власт и демонстрирање сила.
Калајџиев посочува три спорни точки во постапката. Првата се однесува на тоа кој јавен обвинител е надлежен како повисок во однос на обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
„Повисок обвинител од обвинител во ОЈО ГОКК е републичкиот јавен обвинител. Ова е јасно од Законот за јавно обвинителство. Тоа што вишите постапуваат по жалби пред Апелација е друга работа, таму нема конфликт“, вели Калајџиев.
Втората забелешка се однесува на правото на жалба. Според професорот, такво право во конкретната постапка има само лице кое пријавило штета.
Како трета спорна точка, Калајџиев ја наведува можноста вишиот јавен обвинител да наложи нови вештачења.
„Вишиот јавен обвинител не може да нареди нови вештачења. ЗКП предвидува само можност вештачењето да се врати поради некои слабости кај истиот вештак“, посочува тој.
Според Калајџиев, повредите на процедурите и сличните грешки сами по себе не се новост во функционирањето на институциите, но оценува дека случајот со мазутот оди подалеку од тоа
„Повреди на процедурите и слични грешки не се ништо ново, но овде имаме директно мешање на извршната власт и демонстрирање на сила: ‘Ќе видите вие!!’“, вели Калајџиев.

Извор: skopje1.mk






