Симни го апсурдното вето, никој нема да ни ја украде историјата, апел од познатиот бугарски карикатурист Комарницки до Петков

Христо Комарницки важи за исклучително влијателна личност во бугарското општество. Тој е аниматор, илустратор и карикатурист, специјализиран за политичка сатира

Еден од најпознатите карикатуристи и јавни личности во Бугарија, Христо Комарницки, го повика премиерот Кирил Петков да го подигне ветото со кое се запира европскиот пат на Северна Македонија.

Објаснувајќи ги причините за повикот кон Петков, Комарницки укажува дека ветото е смешно и неопходно е постигнување договор.

„Уште наредниот ден ќе стане и повеќе од јасно дека небото нема да падне, светот нема да се урне, а историјата ќе си остане таму каде што секогаш била. Никој нема да ни ја украде. Целата безумна пропаганда со која себичните луѓе го зрачеа бугарскиот народ со години ќе пропадне за неколку минути. Односите меѓу двете земји и луѓето во нив драстично ќе се подобрат. Притисокот ќе се намали. Групата политички, медиумски и јавни измамници и шарлатани кои заработуваат за живот од овој главно вештачки надуен конфликт одеднаш ќе се почувствуваат непотребни, бескорисни и невработени. И оние во Бугарија и оние во Северна Македонија. Нема да пишувам имиња – добро ги знаете.  Ќе можеме да се фокусираме на вистинските проблеми и предизвици пред нас, наместо секојдневно да се занимаваме со глупости. Три народи ќе Ве паметат по добрината што сте ја сториле“,

пишува Комарницки на својот фејсбук-профил.

Христо Комарницки важи за исклучително влијателна личност во бугарското општество. Тој е аниматор, илустратор и карикатурист, специјализиран за политичка сатира. Има освоено десетина награди за своите дела. Карикатурите ги објавува во дневниот весник „Сега“, од неговото основање до денес.

Back to top button
Close