Симоновска и Мулачка: Не се плашиме од заканите, имаме поддршка од редакциите и јавноста
Запрашани дали стравуваат заради истражувачките написи што ги објавуваат, новинарките Ирена Мулачка и Мирослава Симоновска во интервју за Слободен Печат истакнаа дека со текот на годините веќе се навикнале на закани и дека не се плашат затоа што, како што тие сметаат, сето тоа што го прават, го прават за интересот на граѓаните.
„Јас сум отрпната на толку закани и притисоци, јас имав закани по живот и мене дома ме чуваше полиција. Гледам јас да имам покритие за она што го пишувам а другите што ќе прават е нивен проблем. Јас работам за јавноста немам учествувано во тендери, не сум наградена од некоја политичка партија, нема никој ништо да ми бара за возврат. Да се биде истражувачки новинар не треба да се биде под некои сентименталности“ рече Симоновска.
И Мулачка и Симоновска порачаа дека имаат силна и јасна поддршка во своите редакции, мешу своите колеги, но и меѓу граѓаните.
„Не се плашам за безбедноста, по секој мој објавен текст јас си функционирам најнормално, не можам да се потресувам со тоа дали некој може нешто да ми направи. Имаме поддршка од сопственици, колеги, па и од јавноста. Досега сум немала проблем во смисла некој од мојата редакција да ми каже дека нешто нема да се објави. Напротив, имаме добра атмосфера, колегите, претпоставените, ми веруваат во тоа што го правам, но затоа што и јас сум се докажала низ годините“ рече Мулачка.