Симовски: Дополнување на базата се третира како „упад“!

Откако базата со податоци ќе се затвори, отпосле таа не смее да се отвора и да се интервенира во неа со дополнување на податоци. Ова е ставот на директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, по сугестиите дека треба да се обезбедат податоците за три показатели кај вкупно 132.260 граѓани (7,2%) кои не беа попишани на терен, а за кои податоците се преземени од административни извори – бази на податоци од 12 институции.

Овие лица влегоа во податокот за резидентно население, но за нив не постојат податоци за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик.

„Етничката припадност е чувство, не е нешто што може да се документира, така што за овие лица прашањето за етничката припадност, мајчин јазик и за вероисповед ќе ги нема“, рече вчера  директорот на ДЗС, Апостол Симовски.

 

Строго забрането

Но, непостоењето на трите показатели претставува „сива зона“ за истражувачите на економски, демографски, развојни, локални, образовни и други сегменти, како и за оние кои го анализираат јавното мислење. Поради тоа во текот на вчерашниот ден јавно беа искажани сугестии – дека би било добро овие лица во текот на годината да бидат дополнително анкетирани од ДЗС, за да дадат одговори на прашањата кои не можат да се обезбедат од регистрите, бидејќи тоа се прашања на кои граѓаните мора лично да одговорат.

Аналитичари потенцираат дека овие податоци се битни, особено што со 7,2% тоа е третата група по бројност во резидентното население, после Македонците (58,44%) и Албанците (24,3%) и не е добро таа група да остане етнички неидентификувана.

Го прашавме директорот на ДЗС дали е можно да се се спроведе таква активност заради комплетирање на податоците за етничка припадност, религија и мајчин јазик на 132.260 граѓани.

„Тоа отпосле не може и не смее да се прави. Кога базата се затвора, секое влегување во неа се третира како упад. Тоа е строго забрането и е целосно надвор од правилата. Тоа не се прави ни во фазата на обработка на податоците, бидејќи може да води кон евентуална злоупотреба на податоците. Затоа, исклучувањето на таквата опција – не е случајно”, изјави Симовски за ДВ.

Според податоците на ДЗС, една третина од вкупната бројка на неизјаснетите лица (132.260), отпаѓа на граѓани кои живеат во Скопје (над 40.000), а останатите припаѓаат на други општини.

Вчера беше отворена и друга дилема – дали неизјаснувањето на овие лица се одразува индиректно и врз утврдувањето на други податоци -на пример, на бројот на домаќинствата. Односно, како тие лица се импутирани во податокот за резидентно население – дали само како поединци?

Директорот на ДЗС вели дека со тој податок нема никаков проблем, бидејќи многуте бази на податоци даваат доволен број точни показатели дали се работи за поединци или домаќинства.

Тој е задоволен од сработеното и вели дека трудот не бил залуден.

„Комбинираниот метод на попишување што го користевме дава можност никого да не промашите. Експертот од Словенија, Данило Доленц, тоа вчера многу добро го објасни. Истиот метод го користат 12 земји од ЕУ“, вели Симовски

Извор: дв

 

 

Back to top button
Close